25 годишниот Ѓорѓија Димовски e од ресенското село Избишта . Иако тој е електроинжинер, професија која е една од најбараните и најплатените во светот, Ѓорѓија својата  иднина ја гледа во неговата родна Преспа, а не во странство. Неговото семејство поседува 3 хектари земјоделски површини од кои  2,5 хектари се со овошни насади и тоа: 70% „ајдаред“ 25% „црвен делишес“  5% „чадел“ и „златен делишес“.

-Моментално сум невработен електроинжинер и за разлика од моите колеги од факултет кои заминаа во странство, јас се вратив во мојата родна Преспа, каде што планирам да се оженам и да имам семејство, а моја животна желба е да ги спојам двете работи кои ги сакам, а тоа е електроинжинерството и јаболката. Јас не сакам да ја прекинам традицијата на моите предци кои со генерации вложувале во бавчите со јаболка кои денес ги имаме -, вели Димовски.  

За разлика од неговите врсници во градот, тој станува секое сабајле во 6 часот и го пие своето утринско кафе со своите родители и се разговара за  дневните обврски на бавчите со јаболка. Околу 8 часот со татко му одат на насадите со јаболка, каде што моментално ги режат јаболката се до 4 часот попладне, кога се враќаат дома.

-Апелирам до младите кои живеат во руралните средини да останат во својата земја и да произведуваат квалитетни земјоделски производи, а во исто време апелирам и до државата да направат услови за сигурен откуп на земјоделските производи, каде што младите луѓе ќе можат да го продадат своето производство  и пристојно ќе живеат од сопствениот труд – порачува Димовски.

Тој е  дел од Мрежата на млади фармери на Националната федерација на фармери и благодарејќи на активностите кои ги имаат добил бизнис идеи за понатамошно негово вложување и инвестирање. 

-Со посета на една од соседните држави, каде што видовме добри примери на фарми водени од млади фармери, кај мене лично влијаеше на промена на моите идни планови во земјоделството. Јас до сега имам земено средства од ИПАРД за механизација, но, по вклучувањето во НФФ и посетата во Нови Сад  сакам да аплицирам за ИПАРД за набавка на машини за преработки на јаболки кои имаат додадна вредност (чипс од јаболка, џем од јаболка, ракија од јаболка) и  коее  едно од решенијата  за ниската откупна цена  на јаболката – вели Ѓорѓија.