Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК) ја организираше Третата пленарна конференција во Собранието на Република Северна Македонија како заокружување на двегодишниот граѓански форум, преку кој се отвори транспарентен дијалог за прашања поврзани со претпристапните преговори за членство во Европската Унија.

Во овој прв циклус, кој почна во октомври 2017 година, НКЕУ-МК работеше во четири поглавја: Поглавје 11 (земјоделство и рурален развој), Поглавје 19 (социјална политика и вработување), Поглавје 23 (правосудство и основни права), Поглавје 24 (правда, слободи и безбедност).
Во поглавјето за земјоделство и рурален развој беше активно вклучена Националната федерација на фармери и во подготовкаа на анализите , дефинирањето на препораките и дискусиите.
Притоа, беа вклучени околу 100 активни граѓански здруженија, околу 200 експерти од релевантните подрачја, а во работата на сесиите учествуваа над 2.000 стручни лица од областите. Усвоени се над 200 препораки од сите 24 сесии на четирите работни групи. Како што беше најавено на Конференцијата, се очекува во наредниот период да се продолжи со работа во четирите поглавја и да се вклучи Поглавјето 27 (климатски промени и животна средина).
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и поранешниот член на Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи на Република Словачка, Едвард Кукан, во своите воведни говори на конференцијата дадоа поддршка за понатамошната работа на Националната конвенција, која ги отвора перспективите на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија.