Македонија има најниска откупна цена за пченицата во регионот која изнесува од 7 до 8,5 ден по кг

Националната федерација на фармери денеска реализира средба со поледелци од полошкиот, преспанскиот и скопскиот регион во Прилеп каде што уште еднаш се разгледуваа состојбите со пченицата за оваа година. На самата средба уште еднаш беше укажано дека договорното производство треба да профункционира помеѓу поледелците и мелничарите, воведување на мерката на интервентен откуп на пченица и производната цена на пченицата да биде 12 ден по кг. Во спротивно површините засеани со пченица ќе се намалуваат, а тоа ќе доведе до уште поголем увоз на пченица и брашно во државата , односно ние ќе станеме увозно зависни за пченица која претставува основна храна во нашата држава.

Земјоделците кои произведуваат пченица, која е стратешка култура за земјата се во многу тешка положба и се целосно разочарани од состојбите. Не можат да ги покријат трошоците, не можат да ги планираат приходите и производството и размислуваат и веќе го напуштаат производството на оваа за нас важна култура.

Затоа НФФ бара како што предвидува Законот за земјоделство и рурален развој во вакви услови, државата да изврши интервентен откуп на пченица и ги повикуваме домашните откупувачи на соработка и засилен откуп бидејќи станува збор за долгорочни стретешки односи со земјоделците од овој потсектор.

Во Законот за земјоделство и рурален развој јасно стои доколку производните трошоци се повисоки од пазарната цена треба да се спровде интервентен откуп и Владата на предлог на Министерствотон ја утврдува интервентната цена на пченицата во рамките на просечните производни трошоци за производство на килограм пченица. Спроведувањето на Интервентниот откуп го врши ресорното министерство преку Агенција за стоковни резерви.

– Родот на пченицата годинава е едно според проекциите, а друго во практиката. Жетвата на пченицата во Македонија е при крај, но последиците се големи. Имаше град, поплави, ветер. Најлошо беше во штипскиот и во велешкиот регион. Жетвата е при крај, а ние сме во незавидна ситуација зашто откупната цена е пониска од производствената. Од Министерството за земјоделство кажаа дека производната цена е 9,14 денари, но откупната се движи од 7, максимум до 8,5 денари како што е во пелагониско. Не знам што да правиме, неопходен е интервентен откуп од државата зашто се исполнуваат законските норми. Производната цена од 9,14 денари е повисока од откупната цена, вели Стеванче Орданоски, земјоделец од Пелагонија и член на УО на НФФ.

– Откупната цена треба да е повисока од откупната и ние баравме таа да е 12 ден по килограм. Бараме интервентен откуп исто онака како што се спроведува во Србија каде што Владата спроведува интервентен откуп на пченицата за време на жетва со дефинирана цена. Само така може да се влија на стабилизација на пазарот. Од друга страна земјоделците мора да имаат договри со откупувачите и да знаат што да прозведуваат, за која цена. Само вака може да се помогне на земјоделцит “, вели Мемет Синани земјоделец од Полошкиот регион и член на УО на НФФ.

Негативни последици врз пченицата исто така направија и климатските промени.  Националната федерација на фармерите бара враќање на градобијните ракети за заштита на земјоделското производство.

– Веднаш да се вратат градобијните ракети од кои во минатото имавме придобивки, потоа влегување на анти-фроз системите, таканаречените оросувачи и заштитините мрежи и фолии во програмата за рурален развој, вели Васка Мојсовска, претседател на Национална Федерација на фармери на Македонија. Мојсовска додава дека мора од страна на надлешните институции да се прават анализи на пазари, да се бараат нови пазари, да се определуваат производсвтените цени на земјоделски производи, договрно производство и воведување на Правилници за продажба од куќен праг.

Според берзанските цени, Македонија има најниска откупна цена за пченицата во регионот која се движи од 7 до 8,5 ден по кг . Во Хрватска е 8,84, во Србија е 9,12, во Бугарија 10, 55 денари за килограм пченица.

Имено, НФФ уште на почетокот на 2018 бараше и инсистираше доследна примена на Законот за земјоделство и рурален развој и функционирање на пот-секторските групи како најсоодветен систем за планирање на ризиците и носење на препораки.

Уште во мај 2018, НФФ побара да се спроведе интервентен откуп на пченица, и минималната откупна цена да биде 12 ден по кг. Исто така побара интервентниот откуп да започне во јули месец во време на жетвата .

Во текот на мај и јуни 2018 МЗШВ реализираше неколку средби со земјоделците на кои се разговараше за овие проблеми и беа дадени информации дека оваа година ќе се подобри состојбата при откупот.

МЗШВ ги презеде следните мерки преку одлука на Влада:

Агенцијата за стоковни резерви во месец јули распиша тендер за набавка на пченица кој трае до 15.08.2018 , го зголеми субвенционирањето и плус ќе даде субвенција за секој регистриран откупувач од 1 денар за кг откупена пченица, доколку ја плати пченицата на земјоделецот до 15.12.2018.