Во рамки на проектот за организациски развој на НФФ и подобрени врски со пазарот за малите земјоделци, поддржан од  Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida и Шведската организација за развој We Effect, денес се оддржа првата обука за финансиска писменост и инклузија која ја организираше НФФ. Обуката е преточена и во водич која дава јасни насоки и едукација за стабилен и јасен пристап на земјоделците  до финансии преку кредитни линии.  Автори на водичот се проф. д-р Ана Симоновска и проф. д-р Драган Ѓошевски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Симоновска на денешната обука подетално на земјоделцитте им ги образложи сите чекори кои треба да ги превземат  при креирањето  план за кредитирање на својот бизнис со особен фокус  на конкретните теми на кои треба да се обрне посебно внимание во комуникација со банките и штедилниците.  Обуката предизвика навистина голем интерес кај земјоделците и за таа цел ќе се организира уште една обука со членовите на НФФ идната недела. Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер на НФФ потенцира дека активноста е поддржана во рамките на проектот врз основа на спроведена анализа на НФФ за финансиски производи од која произлезе иницијатива за една ваква обука за земјоделците која ќе им помогне во делот на нивните апликации и избори на кредити и на што да внимаваат при самото подигнување на кредити во делот на пресметување на трошоци, предвидување на ризици и усогледување на тоа дали земјоделското стопанство е припремено за подигнување на кредит. Според  програмскиот координатор на We Effect,  г-дин Васко Хаџиевски, оваа обука  дава една можност многу добро  земјоделецот да си ги пресмета сите опции на калкулирање на својот бизнис план. Претседателката на НФФ, г-ѓа Васка Мојсовска го презентира своето  искуство за користење на  кредитни линии и потенцира дека е потребно исклучително цврста одлука, детално истражување, подготвеност,  комплексна документација, но, сепак вели „Ако не ризикуваш, нема ни да успееш“.