Откупот на грозјето започнува и повторно е неплански со голем број на манипулации кои се на штета на лозарите. Националната федерација на фармери преку својот потсекторски систем ги следи состојбите во лозарскиот сектор и воедно она што се согледува како проблем се откупните цени, негативното влијание на климатските промени, како и застарените системи за наводнување на лозовите насади.

Со години наназад „смедеревката“ се откупува за до 11 денари по кг, додека винската сорта вранец“до 13 денари по кг. Секоја година преку НФФ одделение за лобирање и застапување правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден по кг. Oвие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции. Затоа ние сметаме дека Со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно орентирано и значајно за БДП на државата. “, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , виното е втор најзначаен извозен производ од земјоделско-прехранбениот сектор со учество од 11% во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи. Во текот на последните  години (2014-2019) во просек се извезуваа околу 100 милиони литри вино со приход од околу 50 милиони eвра на годишно ниво.

Според официјалните податоци на ДЗС во Република Северна Македонија има вкупно 180.000 земјоделски стопанства. Од нив околу 48.000 земјоделски стопанства поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70% се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства (чија површина се движи од 1 – 4 ха) . Токму овој податок покажува дека индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување на вистински договрни односи помеѓу винариите и лозарите се со цел лозарството и винарството да се развива и понатаму да биде препознатлив бренд на нашата држава.

Со години наназад препознатлив е трендот на должење и неисплата на винарии кон лозарии. Најзначајно во целата приказна е тоа што лозарството е повторно неорганизирано, дури стихијно. Она што значително се смени е дека пораснаа цените на македонските вина (несомнено се зголеми и квалитетот), но во малопродажба вината се сé поскапи, а лозарите се посиромашни. Од фер економија и задоволство на сите во вредносниот синџир, преминавме на високи трошоци за маркетинг и креирање на приказни од кои никако производителите на грозје да дојдат до корист. Со години наназад, оваа особено важна гранка, која иако има огромни можности останува неорганизирана и во производството и во извозот. Од една страна се земјоделците кои инвестираат во нови површини, но нивниот труд не е вреднуван. Од друга страна пак се винариите кои се убедени дека секоја винарија е посебна приказна, значајно име на глобалниот пазар (иако најголем дел од нашето вино сеуште завршува на екс југословенските простори) и не наоѓаат модалитет како да одговорат на потребите на лозарите со цел сите да го добијат својот дел од колачот. Во такви услови, а посебно сега со настаната криза, потребно е да се либерализира пристапот на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем“ е еден од заклучоците на анализата на Националната федерација на фармери „Земјоделството и Корона кризата“[1]. 

Националната федерација на фармери со години наназад бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и согласно горенаведените податоци откупната цена на грозјето треба да изнесува колку 16 ден по кг за „смедеревка“ и 17 ден по кг за „вранец“. Функционирање на договорно производство и реализирање на барањето на НФФ за измени на  Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за вино со воведување на банкарска гаранција, онака како што е уреден откупот на тутунот. Инспекторатот за земјоделство да врши зачестени контроли за време на откупот и Министерството за земјоделство и рурален развој да овозможи услови за свикување на потсекторската група за вино и грозје која функционира во рамките на Министерството и согласно Законот за земјоделство и рурален развој ја разгледува состојбата во лозарството и престојниот откуп на грозјето. Исто така бараме стартот на бербата и скалата на шеќерните единици да ја одредуваат релевантни научни институции се со цел да нема манипулација околу цените и шечерните единици.Ова барање е доставено до ресорното министерство од страна на НФФ.  Посебно внимание да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патишта, наводнувањето, одводнувањето и справување со климатските промени кои посебно влијаат на квалитетот на сите земјоделски производи.


[1] Анализа „Земјоделството и корона кризата“ https://www.nff.org.mk/2020/06/12/%d0%bd%d1%84%d1%84-%d0%b0%d0%bd%d0%b0%d0%bb%d0%b8%d0%b7%d0%b0-%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%be%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b8-%d0%ba%d0%be%d1%80%d0%be%d0%bd%d0%b0/