Почитуван министер за земјоделство шумарство и водостоапнство Аријанит Хоџа,

Почитувана Аннели Лејна директорка за регионот Европа на Шведската организација за развој,

Почитувани фармери ,почитувани делегати,професори, претставници од институции, почитувани гости дозволете ми да ви се заблагодарам за денешното ваше учество на второто зум годишно собрание на НФФ.

За жал  и оваа година  поради корона кризата  неможевме да се видиме во живо и да  организираме традиционално годишно собрание, каде што сите ние физички ќе бевме присутни и ќе имавме можност во живо  да ја доживееме енергијата помеѓу сите нас разговарајќи за нашите проблеми,успеси,искуства или предлози за развој на земјоделството, како и размена на информации.

Сепак добро е што и на овој начин преку интернет конекција можеме да функционираме и мило ми е што сите вие сте во добро здравје .

 Еее Колку брзо лета времето?

Една година во ковид криза ,а како вчера се да започна. Помина една од најтешките години за нас земјоделците,штетите од корона кризата беа огромни за сите нас, ние земјоделците истовремено бевме пред еден голем предизвик  соочени со стравот за здравјето наше и за здравјето на нашите семејства и истовремено моравме да ги обработуваме нивите  и да ги почитуваме сите мерки кои што се носеаа за справување со Ковид кризата  плус  дополнителни проблеми ни предизвикаа и климатските промени ,проблемите со водоснабдувањето во некои региони и плус неуморната борба со големите откупувачки центри  во повеќето земјодески гранки,но сепак и покрај толку проблеми желбата и љубовта кон производството на храната не ни дозволува  да се откажеме.

Почитувани мои знаете дека Националната федерација на фармери сме сите ние  земјоделците и луѓето од руралните средини ,затоа и НФФ НЕУМОРНО РАБОТИ ЗА застапување на сите земјоделци и жители од руралните средини.

Како што спомнав пред малку  Ковид кризата  направи многу отстапки од начинот на работењето и живеењето на секој човек па исто така и на нас членовите и вработените  во организацијата. Сепак организацијата преку добрата  соработка на УО и Главната канцеларија успеавме да не ја прекинеме нашата работа и во вонредни услови непрекидно работевме и функциониравме,

НФФ направи огромен број на  комуникации со сите наши членови и врз база на сите ваши проблеми и ситуации дневно подготвувавме барања и препораки кои што ги доставуваме и до МЗШВ И ВЛАДАТА се со цел да се ублажат последиците врз земјоделството  од корона кризата. Акцент во нашите барања беа регистрираните индивидуални земјоделци и за нив  покрај другите барања ,баравме од ковид пакетите и регистрираните земјоделци да се поддржат со минимални плати и ваучери.

 Корона кризата направи пазарни нарушувања на самиот нејзин старт. Проблем со откупот на јагнето, потоа следуваа проблемите со откупот на зелката, пченицата и целата ситуација ескалираше со грозјето и тутунот.

Оваа година не смееме тоа да дозволиме да се случи бидејќи ние земјоделците  многу сме изморени од големиот број на проблеми  и  предизвици.

Климатските промени дополнително ни го отежнуваат производството на храната.

Еве и на самиот старт  и на оваа година се соочивме со ниски температури и со пролетни мразеви  кои направија некаде и 100 % измрзнување кај овошните и лозовите насади  во Тиквешкиот   Радовишкиот и други региони.

Затоа апелираме ,најбрзо ,да се направи стратегија за справување со климатските промени во земјоделството затоа што тие се веќе 1 деценија реалност и несомнено е дека и во иднина ќе ни прават огромни штети од кои ќе трпиме ние земјоделците  а секако и државата.

Пласманот и ниските откупни цени  на нашите земјоделски производи за жал и понатаму се проблем број 1 за нас земјоделците затоа и она што и истакнавме и на средбата со министерот Аријанит Хоџа е барањето на почитувањето на Законот за земјоделство во делот на склучување на навремени договори со нас земјоделците и почитување на тие договори и од страна на откупувачите и од страна на земјоделците  и до крајот на март сите откупувачи согласно законот требаа да имат пријавено количини кои планираат да ги откупат. Тоа е начинот на планска работа и соработка на сите субјекти инволвирани во земјоделскиот сектор.

Уште еднаш тука сакаме да потенцираме дека очекуваме навремена исплата на субвенциите и мерките од Програмата за финансиска подршка за рурален развој, како што е  мерката 115 која е наменета за активен женски член во семејно  земјоделско стопанство која за истата имаше повик во 2019 година  и  за жал сеуште не е реализирана. Посебен апел упатуваме до Владата и надлежните институции да се стави поголем акцент  на регистрираните земјоделци, бидејќи тие се столбот на македоснкото земјоделство и нивна основна дејност е земјоделството. Тоа значи дека 20% наменети за регистрирани земјоделци  кои не се исплатени од 2018 треба да се исплатат.

Почитувани мои знаете дека наша и понатамошна заложба е лобирањето за сите земјоделци и затоа дозволете ми  да напоменам неколку значајни активности кои ги спроведивме изминатиот период:

  • НФФ во 2020 година го приспособи системот на лобирање и застапување преку вклучување на нов вид комуникација, електронски преку Viber, Skype, ZООМ, како и преку телефон и директна комуникација со Кризниот штаб на Владата.
  • НФФ ги понуди своите алатки и ресурси за комуникација со земјоделците на Владата и Владата ја вклучи НФФ во консултациите и мерките за поддршка на земјоделците и земјоделството.
  • На барање на Министерството за земјоделство, НФФ изработи документ со препораки за новата Стратегија за земјоделство и рурален развој.
  • Доставени се барање за проблматичните откупи за јагнето, пченицата, грозјето и со конкретни предлози за надминување на проблемите.
  • НФФ ја започна афирмативната кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се зголеми и поттикне потрошувачката на домашни земјоделски производи. Преку кампањата, НФФ започна со директно поврзување на земјоделците со индивидуалните пазари и продавници во земјата.
  • На платформата ZOOM беше организиран форумот „Земјоделството и корона кризата“ со учество на над 50-тина учесници каде се презентираше анализата за влијанието на корона кризата врз земјоделството која е прва од ваков вид во државата. Целта беше да се дадат и понудат најсоодветни решенија и препораки како одговор на потребите на земјоделците во услови на пандемија.
  • Изработени се теренски анализи кои ги прикажуваат основните проблеми на земјоделците и руралното население со посебен осврт на младите и жените во руралните средини. Овие анализи преточени во барања беа доставени до Владата со посебна насока во економските пакети да се вклучат и поддршката на земјоделците, кои за жал не беа вклучени во дел на подршка на плати, ваучери и поволните кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија.
  • Во соработка со Одделот за агроекономија на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје се одржа работилница „Обука на обучувачи“ (тренинг на тренери) за разработените брифинзи за политиките на ЕУ. Се организираа дополнителни 8 средби со земјоделците со присуство на над 35 земјоделци од различни региони (Кочански, Беровски, Струмички, Гевгелиски регион, Македонски брод, Ресен, Неготино, Тетовски регион).
  • Во текот на 2020 година, се изработија 4 анализи кои беа промовирани на Зум форуми (Анализа за ковид кризата и земјоделството, Анализа за нарушени и прекинати пазарни врски во земјоделството како резултат на корона кризата и препораки за нивно надминување на краток и среден рок, Анализа за информации за финансиските производи достапни за малите фармери во руралните средини, Анализа за потребите, предизвиците и ризиците на маргинализираните групи во руралните средини погодени од корона кризата)

Во текот на 2020 година, НФФ продолжи со спроведување на проектот „Институционална поддршка на НФФ“, поддржан од We Effect и продолжи со надградување на вештини, трансфер на знаења, поврзување и проширување на нивото и обемот на активностите во одредени области.Националната федерација на фармери беше дел од проектот „Обезбеденост со храна и економско зајакнување во Северна Македонија“, кој се имплементира од страна на шведската организација за развој We Effect и НФФ, Мрежата за рурален развој, Националниот ромски центар, а е подржан од Шведската амбасада во РСМ.

Проектот “From Disability to FoodAbility” се спроведува во соработка со We effect и Radiohjalpen. Новиот проект наменет за лица со попреченост од руралните средини ѝ понуди на НФФ нова димензија на работата, опфаќајќи ги проблемите на најранливото население, како и нова обврска и одговорност да ги адресира и да се бори за интересите на овие групи. Посебно е значаен овој проект затоа што даде поддршка во современи пластеници на 28 лица со попреченост за време на ковид кризата.

Националната федерација на фармери беше дел од активностите на  регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ поддржана од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) во рамките на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа“ и Отворениот Регионален Фонд на ГИЗ за Југоисточна Европа – Правни Реформи. Кампањата има цел да ја подигне свеста на жените во руралните области за законските права на сопственост, како и да го промовира женското претприемништво како предуслов за економско зајакнување на руралните жени. – Економското зајакнување на жените е од суштинско значење за промовирање на еднаквоста помеѓу жените и мажите и предуслов за одржлив развој.

На национално ниво, НФФ продолжи со директна комуникација и лобирачки активности со МЗШВ, Агенцијата ИПАРД, АПРЗ, Агенција за храна и ветеринарство и други релевантни институции. Учествуваше на состаноците со потсекторските групи во МЗШВ и координативната група за родова еднаквост. Остварени се 13 средби со институциите.

За крај сакам да изразам благодарност за соработката со сите наши партнери, подржувачи и веруваме дека ќе продолжи и понатаму оваа соработка , како со организациите, така и со институциите. Би сакала уште еднаш да изразам голема благодарност до Шведската органзација за развој We Effect за поддршката која ни ја даде во изминатиот период во насока на институционално јакнење на организацијата како вистински глас на нас земјоделците.

Ви благодарам уште еднаш на вниманието и посакувам успешно Генерално собрание.