24.8 C
Skopje
Friday, July 23, 2021

НФФ реализира средба со Собраниската комисија за еднакви можности и Клубот на пратенички

Националната федерација на фармери денеска оствари средба со претседателките на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и на Клубот на пратенички, Гордана Силјановска-Давкова и Лолита Ристова, како и пратенички од двете собраниски тела.

Како составен ден на НФФ, функционира Мрежата на жени-фармери, која има за цел економско јакнење на руралната жена, јакнење на лидерските вештини на жените-фармери, подигнување на свеста за поголема вклученост во креирањето на земјоделската политика, застапување и лобирање за имотните права на жените од руралните средини и сопственост на земјоделско земјиште, остварување на правото на пензија, родителско отсуство, работа со фокус-групи со ранливи категории на жени од руралните средини.

На средбата присуствуваа Васка Мојсовска, претседателка; Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка, Фросина Ѓоргиевска, национална кординаторка на Мрежата на жени фармери во НФФ и Даниела Антоновска, проект-координаторка.

Дискусијата беше во правец на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој и вклучување на родовата перспектива во креирање на мерки, политики и стратегии кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој.

Особен акцент беше ставен на потребата за изнаоѓање на законски решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, односно препознавање на неплатениот труд на жените преку измена на Законот што предвидува социјална пензија, како и на неопходните измени на Законот за здравствено осигурување, со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци.

На крајот од средбата пратеничките ја искажаа подготвеноста за идна соработка, пред сѐ во делот на остварување на правата и подобрување на положбата на жените од руралните средини.

Related Articles

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

Stay Connected

21,989FansLike
0FollowersFollow
0SubscribersSubscribe
- Advertisement -

Latest Articles