Почитувани присутни, претставници на владини и невладини институции, почитувани професори, почитувани соработници, земјоделки и земјоделци и членови на Националната федерација на фармери, чест ми е  како Претседателка на Национална федерација на фармери да се обратам на  on line конференцијата „Пристап на жените од руралните средини до правото на имот“, организирана од Националната федерација на фармери и која е дел од активностите на регионалната кампања„Зајакнати жени, зајакната економија“ поддржана од ГИЗ во рамките на проектот„Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа“ и GIZ Отворениот Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Правни Реформи.

За мене лично и за организацијата ова е значаен настан и посебно ни е драго што сме дел од регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ бидејќи тука се истакнуваат родовите прашања, проблеми и предизвиците кои ги имаме и во земјоделството и во руралните средини, посбено предизвиците на руралните жени и остварување на правото на сопственост.

Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само 5% од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор.

Јас како земјоделка сум една од жените кои влегуваат во овие 5% и ова го кажувам бидејќи ова е еден од ретките примери во семејствата, каде што се надминати традиционалните бариери и на жената се гледа како на рамноправен член и во домот и во одлучувањето во распределбата на приходот и инвестирањето.

Успехот како производителка на грозје и овошни и лозови садници немаше да го постигнам доколку немав храброст пред 22 години да ги убедам сопругот, свекор ми, девер ми и брат ми да заложат дел од својот движен и недвижен имот за да можам да подигнам кредит и за да посадам поголема површина со лозов насад. Ќе немав  успех ако немав  поддршка од моето семејство, пред се од мојот сопруг и свекор кои на мое име препишаа земја. Заедно со мојот сопруг и децата денес произведуваме грозје и садници. Токму заедничката работа, поддршката и почитувањетo,слогата,разбирањето и надополнувањето еден со друг  нам, како семејство, ни донесе успешна работа.

Ако сега ме прашате од каде желбата за борбата на правата на жените од рурални средини ќе ви кажам дека таа желба за борба  за правата на руралните жени  ми се појави уште од мали нозе кога бев дете. Тогаш гледав како мајка ми,баба ми ,тетките и другите женски членови од нашето семејство беа дискриминирани и беа изоставени од сите делби и поделби на имотот ,немаа културен и социјален  живот ,ниту пак одмор за себе, немаа можност да се вработат некаде и да имаат сопствен приход и така беше речиси во сите семејства од рурални средини. Ние како деца бевме дискриминрани со тоа што не одевме во градинки како децата од урбаните средини,не посетувавме курсеви за странски јазици,не посетувавме театри и кина  или не можевме да обавуваме спортски  активности  како децата од урбаните средини, бидејќи по селата ги немаше тие услови. За жал и ден денес повеќето села во Македонија ги немаат овие услови и за жал некои од децата од рурални средини што растат сега исто така се соочуваат со овие проблеми како што сум се соочувала јас и моите врсници бидејќи Сеуште имаме  села каде што недостасува добра инфрастругтура односно нема асфалтирани патишта, нема градинки,нема здраствени установи и сето тоа влијае на економскиот развој на жената од рурални средини.

Во рамките на Федерацијата преку интензивната работа подржана од Шведската организација за развој We Effect е постигнато поголемо вклучување на земјоделките и жените од руралните средини во Федерацијата и сега имаме 200 членки во нашата организација каде што активно работиме во делот на лобирањето и застапувањето како и економското јакнење на жените од руралните средини. Во таа насока на наше барање во 2019 се отсранети дискриминаторните критериуми во  мерката 115 наменета за активен женски член во земјоделско стопанство  од Националната  Програма за финансиска поддршка за рурален развој. Но, за жал сеуште не е реализирана оваа мерка која што беше објавена во  2019, односно не се објавени имињата кои апликанти ги добиле грантовите и еве уште еднаш апелирам оваа мерка да се реализира онака како што ни е ветено од Платежната агенција дека оваа активност ќе се задврши сега до 15 март. Дефинирањето на новите критериуми на оаа мерка морам да истакнам дека се работени во рамките на координативната група за родова еднаквост во МЗШВ, која е поддржана од UN Women и навистина работата на оваа група е за поздравување.

Би сакала да истакнам дека за нас жените од руралните средини важна е потпишаната  Декларација за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени пред се зошто се даде заложба и од страна на двете институции Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика дека ќе се работи во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој.

Мораме да истакнеме дека очекуваме дека во Новата стратегија за родова еднаквост која се подготвува од страна на Министерството за труд и социјална политика ќе се акцентира проблемот и предизвиците на руралните жени и остварување на правото на сопственост на имот и земјоделско земјиште.

Што се однесува до новата стратегија за земјоделство и рурален развој родовите прашања не се добро опфатени посебно во делот на мерките и адресирање на прашањата за зголемување на бројот на регистрирани земјоделки и зголемување на бројот на сопственички на земејоделско земјиште.

За крај би сакала да потенцирам дека треба сериозно да се сфати ова прашање и од страна на руралното население но и од страна на институциите, доколку сакаме да се избориме за почитување и гарантирање на едно од основните човекови права, а тоа е правото на сопственост, кое е еднакво и за мажите и за жените. Од друга страна апелирам дека ние руралните жени  мора да се бориме заедно против традиционалните норми што го попречуваат нашиот развој. Треба да инсистираме нашите ќерки да добиваат имот исто како и нашите синови. Ние како мајки  сме тие што треба да ги научиме нашите деца дека имотот треба да се распределува еднакво.

Би сакала сега пред крај на моево обраќање да ви ја кажам визијата за жената од рурални средини во нареднава деценија и која е промената што би сакала да ја видам кај нив. Најпрво на жените кај нас потребно им е јакнење на нивната самодоверба и да веруваат во себе и во тоа што сакаат да го работат, а и да бидат похрабри во донесувањето на одлуките ако сакаат да се зафатат да работат свој бизнис и треба да бидат подржани и од своето семејство и  да имаат пофлексибилна поддршка од банките.

Потребна е поголема информиранотст, поддршка и социјалзација на жените од руралните средини.  Само на таков начин може да се влијае пред се на мајките,а потоа тие да влијаат на своите ќерки и синови. Оние што завршуваат високо образованиее без разлика дали се мажи или жени ги напуштаат, селата. Е токму таквиот кадар треба да се поддржи за да  го гледа свој живот во селото. А тоа може да се направи ако има развиено село и добар приход преку пласманот на земјоделските производи, затоа треба да го развиваме земјоделството преку земјоделците и руралното население.

Промените кои што сакам да се случат во следнава деценија  кај жената од рурални средини е да ја видам таа жена која целиот свој живот работи и егзистира од земјоделство како успешен претпримач со зајакната економска и социјална моќ ,посилна во образовната надоградба и која што гордо чекори во околината каде што живее и се бори за своите права кои што со закон и следуваат.Исто така Сакам да ја  видам како нема да се  грижи околу тоа кој ќе и ги чува децата додека работи бидејќи ќе бидат згрижени во градинки и нема да се грижи за пласманот на своите земјоделски производи и за цената на истите .

Многу е визионерски знам, но јас сакам да верувам дека еден ден ќе се исполни оваа моја визија за руралната жена.

Очекувам во рамките на самата дискусија повеќе рурални жени да се вклучат каде што ќе ги истакнат своите размислувања за прашањето на правото на сопственот во руралните средини.

 Сега Ви благодарам на вниманието и посакувам успешна конференција .