2.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

Конкурентни и профитабилни земјоделски стопанства за одржлив развој

Автор: Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери

Иако нашата земја важи за земјоделска држава со многу вкусна храна, традиционални земјоделски производи, голем потенцијал за развој на рурален туризам, со години наназад се соочуваме со голем број на предизвици кои доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи.

Во изминатата 2019 година Македонија извезла храна во вредност од 367,3 милиони евра, што е зголемување од околу 15% во споредба со минатата година. Во истиот период, пак сме увезле храна во вредност од 670,7 милиони евра, речиси двојно поголем од извозот. Најголем увоз се бележи кај месото , потоа е зеленчукот и овошјето и потоа следат житарките, млеко и млечни производи и шеќерoт. Што се однесува кај извозот најголем удел има свежото овошје и зеленчук и виното.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани е остварен највисок извоз на храна во изминатите 10 години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехрамбени производи. Овие факти загрижуваат посебно сега со настанатата здравствена и економска криза предизвикана од COVID 19, каде што ние како увозно зависна земја, може да се соочиме со недостаток на храна, а воедно и извозот да се намали, што ќе влијае негативна на македонската економија, кога ќе се земе во предвид дека земјоделството учествува со 10 -12 % во БДП. Последните податоци за извоз и увоз во 2020 година покажуваат намален извоз на прехрамбени производи во првиот квартал од годината. Извозот на прехрамбени производи за првиот квартал од годината изнесува 135,3 милиони евра, што е за 10 % помал од претходната година за истиот период кога изнесувал 148 милиони евра. Додека увозот бележи благо зголемување од 4,4% за првиот квартал од 2020 година, односно изнесува 282,9 милиони евра, а за истиот период во 2019 година изнесувал 271,1 милион евра.

 Извор: Државен завод за статистика 2017,2018,2019,2020

Ковид кризата ни покажа колку навистина е значајно и важно земјоделството и руралниот развој за опстанокот на државата. 180 000 семејства егзистират од земјоделството, 45% од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87% од вкупната површина на државата, така што оваа економско – здравствена криза негативно ќе се одрази на семејствата во руралните средини посебно на нивната егзистенција и ќе поттикне зголемување на сиромаштијата[1].

Со скоро непроменет број на обработлива површина во изминатите две децении, македонското земјоделство во 2019 година бележи 418.823 хектари ораници и бавчи и 41.252 хектари овоштарници и лозја. Според статистичките податоци од април 2020 година, вкупно се засеани 277.026 хектари, од кои 58% жита, 8% индустриски посеви, 19% градинарски посеви, 19% фуражни посеви. [2]

Хектари (ha)2019
Земјоделска површина1.264.578
Обработлива површина 519.848
Ораници и бавчи 418.823
Овоштарници 16.784
Лозја 24.468
Ливади 59.773
Пасишта 743.991
Хектари (ha)2019
Вкупно засеани површини 277.026
Жита 160.047
Индустриски посеви 22.381
Градинарски посеви 52.260
Фуражни посеви 42.338

Табела 3: Вкупна земјоделска површина и вкупно засеани површини по категории, 2019, ДЗС

Структурата на македонското земјоделско земјиште во однос на земјоделските култури останува скоро иста во изминатите две децении, но истата не соодejствува со производството во количина,  со вредноста на земјоделскиот оутпут, ниту со степенот на искористеност природните ресурси. На пример, површината на пасиштата и бројот на главите во сточарството покажуваат дека пасиштата кај нас се скоро половично искористени во однос на висоразвиените земји. Тоа значи дека има огромни можности за интензивирање на сточарството, зголемување на стадата и подобрување на продуктивноста на пасиштата.

Од друга страна, иако со благ пораст на површините во лозарството и кај дел од овоштарството, сепак, гледано по сортимент на производството и производните технологии тешко можеме да забележиме развој во конкурентноста и зголемена продуктивност. Најголема стабилност имаме кај индустриските култури, т.е. тутунот, заради функционалниот механизам на производство и откуп и законско решение кое одговара на потребите на сите страни во пот-секторот.

Токму податоците покажуваат дека посебно треба да се стави акцент на организирано производство и пласман кое ќе даде сигурност на малите производители кои се столб на нашето земјоделството. Во Македонија најголемиот дел од земјоделските домаќинства припаѓаат на групата ситни индивидуални земјоделски производители (98%), при што околу 58% од нив имаат фарми со големина под 1 ха или, 87,6% од домаќинствата со под 3 ха[3] .

Политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на малите земјоделците (посебно младите), чија основна дејност е земјоделството за да можат да произведуваат поголема количина на земјоделски производи кои ќе го снабдуваат нашиот домашен пазар и да нема вишок на храна. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување на храна од домашното производство, бидејќи Ковид кризата направи нарушување на синџирите за снабдување со храна во надворешната трговија.  Тоа е и глобалне проблем за кој укажа и ФАО со  три клучни препораки кои претставуваат мерки за итна поддршка: 1) обезбедување на сигурна мрежа на продажба, 2) намалување на вишок на производи преку складирање и преработка, и 3) отстранување на ограничувањата во домашната трговија[4].

Иако, Владата на РС Македонија презеде голем дел на мерки и услови за поддршка, сепак не посвети доволно време и не понуди креативност да излезе со едноставни модели за пласирање на вишоците на производство со ниска откупна цена .

Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство  Националната федерација на фармери започна кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар. Градинарското производство и производството на овошје и грозје, како и сточарството се одвива главно кај индивидуалните земјоделски производители, карактеристично со мали стопанства и фрагментирани парцели.

Посебно значајно за земјоделците во овој период е што од страна на надлежните владини институции (МЗШВ и АХВ) се донесени Правилниците  за услови и хигиена за производство и ставање во промет на храната од неживотинско и животинско потекло наменета за директно снабдување, во географско или економски ограничувања, како општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики (Правилниците во јавноста се познати како продажба од куќен праг)  и Правилникот за мали винарии. На ваков начин се овозможува директна продажба на храна од фармите со тоа што земјоделците треба да се регистрираат преку овие правилници и да се испочитуваат оддделни критериуми и стандарди за производствпо. Од друга страна се дава можност да се продаваат земјоделските производи не само на откупувачите ( кои прават голема манипулација со земјоделците во делот на откупните цени, каде што не се почитува договорното производство дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој), туку директно да ги продаваат на потрошувачите и исто така да се прават традиционални преработки, како што се мармалади, ајвар, сирења, јогурти и слично кои имаат додадена вредност за земјоделците. За донесување на овие правилници Националната федерација на фармери доста лобираше и активно беше вклучена во нивното креирање, така што овој период започнува со интензивна промоција и презентација на правилниците пред земјоделците. Овие правилници исто така се посебно значајни за економско јакнење на жените од руралните средини, кои посебно се активни во делот на правењето на преработките и на ваков начин ќе се овозможи поголема валоризаија на нивниот труд. Тука би сакала да потенцирам дека 58% од сите рурални жени немаат лични примања и тоа е  двојно повеќе од мажите во руралните средини.  Севкупно, 77% од вработените во македонското земјоделство имаат економски статус познат како „неплатени семејни работници“[5].

Преработувачките капацитети треба да се развиваат во државата за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје. Ова е навистина значаен сегмент кој може да поттикне и помогне на развојот на нашиот аграр и посебно во делот на јакнење на економските форми на здружување, како што се  земјоделските задруги кои директно ќе соработуваат со преработувачките капаците на домашниот пазар. 

За да може да се зборува за земјоделството како стопанска гранка која ќе се развива во духот на претприемништвото треба да се овозможи поволна кредитна понуда преку комерцијалните банки, Развојната банка на Република Северна Македонија за малите производители на храна (регистрираните индивидуални земјоделци) кои се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок на непродадени количини. Токму со овие финансиски средства ќе имаат можност за инвестиции во делот на подобро производство и на земјоделски производи и преработки.

Посебно внимание треба да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патишта, наводнувањето, одводнувањето и справување со климатските промени, како и почитување и функционирање на договорното производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Многу е важно креирање на стратегија и мерки за прилагодување на земјоделството на новите климатски услови и справување со временските непогоди. Овој сектор е посебно изложен на климатските промени кои доста негативно влијаат врз него. Анализата на Светска банка покажа дека нашата дражава стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди,  особено: поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси. Според анализата најранлив регион е централниот дел на земјата. Во оваа територија спаѓаат делови од општините Градско, Росоман и Неготино. Понатаму, како многу ранлив се смета и Југоисточниот Дел на Македонија, кој делумно ги опфаќа териториите на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.Понатаму, како високо ранливо подрачје се смета и Јужната Долина на реката Вардар, која се протега од Овче Поле и Свети Николе до Гевгелија и Богданци. Како многу ранливо подрачје се одредува и Скопско-Кумановското Поле, кое се протега низ повеќето скопски општини и општините Липково, Куманово и Старо Нагоричане. Најранливи се одредени култури: пченица, како најважна житарка, насекаде распространета; грозјето, доматите, како најтипични култури за подрачјето на Јужната Долина на Вардар и за Југоисточниот Регион на Македонија; луцерка, како најважна добиточна култура во Овчеполскиот и Битолскиот регион; и јаболката, како најзначајно овошје за Преспанскиот регион.  Во периодот што доаѓа, новата Влада мора да даде приоритет на развојот на  земјоделството и руралниот развој. Во овој период треба сите заеднички да дејствуваме во земјоделскиот сектор за да можеме со здружени сили да излеземе од оваа криза. Само организирани, обединети, информирани,  можеме да одговориме на предизвиците кои не очекуваат во насока на креирање на конкурентни и профитабилни земјоделски стопанства, кои треба да обезбедат одржлив развој на нашето општество.


[1] Структура и типологија на земјоделските стопанства, 2016- http://www.stat.gov.mk/PrikaziPoslednaPublikacija.aspx?id=79

[2]НФФ анализа „Земјоделстворо и Корона кризата“ https://www.nff.org.mk/2020/06/12/%d0%bd%d1%84%d1%84-%d0%b0%d0%bd%d0%b0%d0%bb%d0%b8%d0%b7%d0%b0-%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%be%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b8-%d0%ba%d0%be%d1%80%d0%be%d0%bd%d0%b0/

[3] НФФ Повеќедимензионална анализа за сиромаштија – https://www.nff.org.mk/%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D1%88%D1%82%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D1%80%D0%BC/

[4] http://www.fao.org/2019-ncov/en/

[5] НФФ Повеќедимензионална анализа за сиромаштија – https://www.nff.org.mk/%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D1%88%D1%82%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D1%80%D0%BC/

Related Articles

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

Stay Connected

21,989FansLike
0FollowersFollow
0SubscribersSubscribe
- Advertisement -

Latest Articles