Купувајте домашни земјоделски производи

Мерка 115 за активен женски член во земјоделско стопанство
Акциски план НФФ
Јавен Повик бр. 7/2020 Печатење и дизајн на едукативни и информативни материјали на Националната федерација на фармери

Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство и дека е навистина потребна поддршка за негов опстанок и во овие тешки времиња создадени од Ковид кризата,  Националната федерација на фармери започна кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар. Градинарското производство и производството на овошје и грозје, како и производството на млеко и сирење се одвива главно кај индивидуалните земјоделски производители, кои се мали стопанства и фрагментирани парцели.

Во насока на афирмативната кампања сакаме да споделиме и некои статистички показатели за да покажеме колку е важно земјоделството во државата и колку е важно да го подржуваме и зачуваме нашето домашно производство. 180 000 семејства егзистират од земјоделството, 45% од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87% од вкупната површина на државата[1], така што оваа економско – здравствена криза негативно се одрази и на семејствата во руралните средини посебно на нивната егзистенција и ќе поттикне зголемување на сиромаштијата.

За таа цел Националната федерација на фармери подгови и промо видео  „Купувајте домашни земјоделски производи“, започнува со делење на флаери и постери во сите супермаркети и пазари во поголемите населени места и воедно ќе поддржи шест интервенции за обебзеденост и производство на храна за справување со последиците од ковид пандемијата и поттикнување на економско здружување на земјоделците и заедничко справување со предизвиците. Активностите се дел од  проектот Обезбеденост со храна и економско зајакнување на најранливите заедници во Северна Македонија, кој е финансиран од Шведската амбасада во Република Северна Македонија и се имплементира од страна на Шведската организација за развој We Effect заедно со Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој и Националниот ромски центар

„Ковид кризата ни покажа колку навистина е значајно и важно земјоделството и руралниот развој за опстанокот на државата, од друга страна ги истакна предизвиците со кои се соочува македонското земјоделство и нашите земјоделци. Здравствената и економска криза предизвикана од Корона Вирусот направи нарушување на пазарните синџири и создаде дополнителни проблеми во дистрибуцијата, затоа треба да се дејствува на дoмашен план и да се купуваат домашни земјоделски производи. Видовме дека најмногу оштетени беа сточарите со продажбата на јагнето, млекото, лозарите со продажбата на грозјето и градинарите со продажбата на пролетната зелка. Во оваа насока ние треба да го штитиме нашето домашно произвдоство и да не дозволуваме да станеме сто проценти зависни од увозната храна. Тоа ќе е страшно и за нас земјоделците, но и за сите граѓани во државата, бидејќи ќе се купува многу поскапа храна“, потенцира Васка  Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Македонското земјоделство во овој временски опфат беше тешко погодено со пазарните ограничувања, недостаток на сезонски работници, ограничување во движењето, потешкотии во организација на транспорт и логистика. Како резултат на првичната анализа “Земјоделството и корона кризата”[2] објавена од Националната Федерација на Фармери (НФФ), поддржана од We Effect идентификува дека синџирите за снабдување со храна се веќе нарушени, дека постои недостаток на работна сила (посебно од сезонски карактери), како фактори кои долгорочно ќе го нарушат производството и преработката на храна. Оваа појава е особено нагласена кај интензивните земјоделските култури, при што се забележува и дека нарушените синџири за снабдување со храна ќе резултираат со зголемено ниво на загуба на храна кое во овој и наредниот период навистина драстично ќе се одрази.

ЛИНК ОД ПРОМО ВИДЕОТО „КУПУВАЈТЕ ДОМАШНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ“ – https://www.youtube.com/watch?v=6EyPnsZDrDw


[1] Структура и типологија на земјоделските стопанства, 2016- http://www.stat.gov.mk/PrikaziPoslednaPublikacija.aspx?id=79

[2] Орозовиќ С.,  Петровска-Митревска Б. 2020. Земјоделството и корона кризата,Национална федерација на фармери

COMMENTS