„Откупната цена на винското грозје е катастрофална. За килограм смедеревка се нудат едвај 11 денари, додека за вранец 13, а оваа година според најавите цената е уште пониска 4-6 ден по кг. Потребна е поголема помош за малите производители , сега „медот“ оди кај големите винарии–тие се недостижна конкуренција Замислете, колку за споредба во Црна Гора цената е 60 центи, Србија од 50 до 60 центи,кај нас е одвај 20. За да има рентабилно и одржливо лозарство во Македонија откупните цени за најзастапените сорти треба да бидат минимум 3до 4 денари поголеми. На ваков начин само се уништува лозарот и затоа мал е бројот на млади како мени што сакаат да работат лозарство“, вели Дарко Илиев.

 Од кога памети за себе работи на неговите лозја, има 26 години и наскоро ќе биде магистер по лозарство на Универзитетот ,,Гоце Делчев ,, во Штип, на тема „Примена на биостимулатори во лозарството“. Вака со една реченица може да се опише Дарко Илиев кој живее и работи во неготински Долни Дисан. Тиквешијата е позната по раскошните лозја, но и многубројни, затоа е важно да се биде упорен, издржлив, да ја сакаш земјата , да се едуцираш за да истраеш и да одиш напред,  вели Илиев.

Се работи сам, од лозје до административни работи како што се аплицирањата за субвенции, на пример. Во целокупниот процес му помага мајка му. Вкупно обработува околу 3,5 хектари винова лоза, а само за време на бербата најмува сезонски работници, до кои од година на година се потешко се стигнува.

Денот кога е многу топло му почнува уште во 4 часот, а некогаш трае и до 20 часа, вели Илиев. Одгледува трпезно и винско грозје од сортите смедеревка, вранец, и кардинал.

Вранецот (1 ха) е на систем одрина со систем капка по капка и очекува принос од околу 50 тони од хектар. Од 2012 година сериозно е посветен на оваа работа. Некои години се многу плодни, некои помалку, па од поуспешните ги покрива сезоните кога има студ, град, суша. Целото производство вели е осигурано, бидејки врнежите од град се честа појава во летните месеци.

Успеал во 2015 г. да добие поддршка од мерката 112 помош за млади земјоделци за отпочнување со сопствен бизнис до 10 илјади па ја обновил својата приклучна механизација. Сепак, откупната цена на грозјето во моментот, вели е една од најголемите маки на секој лозар.

-Лозарите го водат самите целото производство и болката е што самите финансиски го покриваат истото. Тука треба дополнителна помош. Имено, државата треба да обезбеди поголема стимулација. На пример ИПАРД фондовите како да се привилегирани да ги користат големите винарии, зошто? Бидејќи имаат поголеми стартни влогови, нешто што ние ситните производители го немаме, објаснува Илиев.Добро е што држата дава помош од 2 денари субвенција за предадено 1 кг винско грозје во регистрирани домашни винарии. Исто така ја поздравува и мерката Зелена нафта која според него барем малку ги амортизира инпутите. Според него поголема стимулација треба да им се даде на помалите производители, оти ако остане вака „медот“ на крај го собираат големите винарии, тие според него во моментот се недостижна конкуренција.

– Сакам да си купам нова механизација, тракторот ми е стар од `92 година но немам 15 илјади евра во моментот за нов. Помош ни треба во почетниот влог за да можеме да ги добиеме парите од ИПАРД. Има лозари кои одвај ќе соберат пари и на крајот се одбивани. Тука треба да интервенира државата, така младите земјоделци ќе се охрабрат за да се преориентираат во руралните средини и да работат, нагласува Илиев.

Ковид-кризата не го дестимулирала, но  почувствувал разлика. Во меѓувреме, порачува дека неопходна е постојана едукација не само формална како диплома, но и искуствено практична.

-Тоа што сум дел од Националната федерација на фармери ми го овозможи тоа. „Купив“ искуства од постарите лозари, но и посетив неколку саеми, како тој во Солун-Агротика, и тој во Турција (Текирдаг). Да се биде дел од мрежата е многу важно, завршува Илијев, порачувајќи им на младите да не се откажуваат од земјоделството. Иднината и сегашноста на Македонија е во земјоделието,бидејќи секоја држава без сопствено производство на храна е сиромашна држава.