Александра Чепарковска со својот сопруг се регистрирани индивидуални земјоделци од беровското село Митрашинци, чија основна дејност им е сточарство. Тие исто така произведуваат пченка за храна на овците. „Она што знаеме да работиме е земјоделство и тоа ќе биде наша егзистенција понатаму. Мора да се насочат мерките во државата за поголема подршка и приоритет да се даде на регистрираните индивидуални земјоделци. Само на ваков начин нашата дејност може да стане вистинска професија и тогаш може да се очекува и зголемен број на млади земјоделци и развој на нашите села“ потенцира Александра.

Во насока на поддршка на земјоделството и руралниот развој Националната федерација на фармери, која e социјален и економски партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до Владата и МЗШВ достави пакет на препораки и предлози кои се дел од втората теренската анализа на Федерацијата наменети за изнаоѓање на заеднички решенија и креирање на мерки за помош и подршка за земјоделците и земјоделството во време на економска – здравствена криза предизвикана од Корона Вирусот.

 Врз основа на подготвената анализа на терен,  активностите во делот на земјоделското производството се одвиваат без некои значајни проблеми и се почитуваат владините мерки од страна на земјоделците и руралното население. Нема недостаток во снабдување со количини на семе, ѓубрива и производи за заштита на растенијата. Она што е детектирано како проблем се нарушените синџири на продажба, со кои настана проблем при откупот на јагнето и пролетната зелка[1].

Земјоделците изразуваат загриженост дека оваа година ќе се соочат со проблем на недостаток на сезонска работна сила во земјоделството, која што со години се појавува како проблем во државата. Оваа година се очекува не само кај нас, туку и во цела Европа да се појави проблем со недостаток на сезонски работници, како последица од  настанатата здравствена – економска криза. Токму тоа ги поттикна економски развиените држави (Германија, Англија, Франција), уште отсега да преземаат мерки и креираат стратегии за внесување на работна сила во земјоделството од други држави и тоа негативно ќе се одрази врз малите држави или земјите во развој, каде што спаѓа и РСМ.

Предлог на Националната федерација на фармери: Креирање на владини мерки кои ќе помогнат да се намали одливот на сезонските работници во странство  за време на сезонските интензивни берби. Сезонските работници најчество својот труд го нудат во европските држави, односно Италија, Шпанија, Германија и Велика Британија. Вакви мерки започнаа да се креираат  во државите во регионот односно во Хрватска, Словенија, Србија и Бугарија.

Со пакетот економски мерки на Владата се изоставени регистрираните индивидуални земјоделци кои исто така остваруваат доход преку земјоделската работа и плаќаат придонеси кон државата. Со дополнителна Уредба[2] на Владата се опфатени  трговците-поединци, занаетчиите и регистрираните земјоделци и други лица кои се третираат како вработени за сопствена сметка односно даваат услуги од кои обезбедуваат доход и имаат право на финансиска поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај. Со оваа економска мерка се опфатени само регистрираните земјоделци согласно Законот за трговски друштва и Законот за вршење на земјоделска дејност, а не и регирстрирани земјоделци според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои исто така даваат услуги, од кои  обезбедуваат доход. Истиот проблем се појавува и кај Јавниот повик бр.1 COVID 2[3] на Развојната Банка на РСМ каде што се овозможува директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија од компензациони фондови од странска помош, каде што се опфатени само регистрираните земјоделци регистрирани според Законот за вршење на земјоделска дејснот и Законот за трговски друштва, а не и регистрираните земјоделци регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Согласно Законот за земјоделство и рурален развој[4] регистрирани земјоделци се оние чија основна дејност им е земјоделство. Регистрирани земјоделци се носителите на семејно-земјоделско стопанство, кoи се регистрирани вршители на земјоделска дејност согласно  Законот за вршење на земјоделска дејност[5] и регистрирани индивидуални земјоделци се регистрирани согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување[6]. Во РСМ има 4000  регистрирани земјоделци[7]. Покрај тоа што е важна поддршката на претпријатијата, важна е поддршката и за земјоделските стопанства, кои се потенцијална можност да се овозможи креирање на нови работни места и самовработување на сите лица од руралните средини, кои во овој период остануваат без работа, а во најголем број се текстилни работнички кои живеат во рурални средини.

Барање на Националната федерација на фармери: Измена на Уредба[8] со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, погодени од здравствена економска криза предизвикана од Корона Вирусот за време на вондредната состојба со тоа што во категоријата на физички лица кои вршат самостојна дејност да бидат вклучени и земјоделците регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да добијат финансиска поддршка за месеците април и мај во износ од 14.500 денари, доколку имаат загуби. Во рамките на Уредбата како што е во погорниот текст образложено се вклучени само регистрираните земјоделци регистрирани според Законот за вршење на земјоделска дејност.

Барање на Националната федерација на фармери: Со цел да се излезе во пресрет на производителите на храна, Националната федерација на фармери бара да се донесе одлука на  Влада на РСМ за Развојната банка на Република Северна Македонија да овозможи поволна кредитна понуда и за фармерите регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои не можат да користат комерцијални кредити, а се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок на непродадени количини и загуба во својата работа, како последица од сегашната здравствена – економска криза во државата предизвикана од Корона Вирусот. Развојната банка на РСМ да понуди кредити без камата, без дополнителни оптоварувања со хипотеки и флексибилен период на отплати или да ја вклучи оваа категорија на регистрирани земјоделци дополнително во рамките на јавниот повик бр 1 COVID 2[9]  за поднесување на апликации за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија регистрирани во РСМ од Компензационите фондови од странска помош. На ваков начин на земјоделците да им се овозможи да го диверзифицираат својот извор на приход (пр. агротуризам, угостителство, или подобрување на продуктивноста на производството преку набавка на технологии за преработки,  и приоритет да се даде на поддршка на инвестициски активности на младите фармери и земјоделките) во услови кога нивното производство не може да се откупи поради настаната здравствено – економска криза во државата.ПРЕДЛОЗИ И

ПРЕПОРАКИ НА НФФ ЗА ОТКУПОТ, ПЛАСМАНОТ И ВОДОСНАБДУВАЊЕТО

  • За  да се помогне во делот на откупот за време на оваа здравствена економска криза, НФФ бара да се направи измена во Законот за земјоделство и рурален развој и да се овозможи користењето на банкарската гаранција, како метод за исплата на откупена количина, онака како што е регулирано во Законот за тутун. На ваков начин ќе се овозможи помош и на производителите, но и на откупувачите.
  • Во делот на економските мерки да се направат олеснување во делот на исплатата на даноците на регистрираните земјоделци, чија примарна дејност е земјоделството, а се регистрирани согласно Законот за вршење на земјоделска дејност.
  • Во периодот што доаѓа согласно календарот за исплата на субвенции приоритет во делот на исплатата на субвенциите да се даде на субвенциите за исплата на јагне дадено во кланични капацитети (400 денари за откупено јагне) – подмерка 2.4. од Програмата за финансиска подршка во земјоделството  .
  • Да се даде приоритет во исплатата на субвенцииите за регистрираните земјоделци, кои не се исплатени  за 2018 година, а се  директна помош од  20% на носител на семејно-земјоделско стопанство, кој е регистриран вршител на земјоделска дејност согласно  Законот за вршење на земјоделска дејност или е регистриран како индивидуален земјоделец согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
  • Националната федерација на фармери е против предлогот на бизнисмените за зголемување на акцизата на горивата, со цел да се обезбедат дополнителни средства во Буџетот на РСМ. Ние сметаме дека со ваквата одлука ќе бидат погодени земјоделските стопанства, кои во моментот извршуваат активна земјоделска работа на поле и тоа сигурно ќе доведе не само до поскапување на горивото, туку и на суровините за производство, производи за заштита на растенијата, семиња кои се неопходни за производството.
  • Националната федерација на фармери бара навремена реализација на поддршката на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација која треба да е 50% оваа година,  согласно Законот за земјоделство и рурален развој.
  • Националната Федерација на фармери  достави и допис до Државниот  инспекторат за земјоделство со препорака да врши зачестени контроли на откупните пунктови и посебно да се вршат контроли во делот на издавање на кантарни белешки. Воедно бараме ваква препорака да биде дадена и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до Државниот инспекторат за земјоделство.  
  • Националната федерација на фармери бара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да реагира до ЈП за водостопанисување да започне со проверка и поправка на дефектите на системите за наводнување, за да не настанат дополнителни проблеми,  каде што директно ќе трпат производителите и ќе има загоби во производството.
  • Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Министерството за труд и социјална политика да креираат владини мерки кои ќе помогнат да нема одлив на сезонските работници во странство  за време на сезонските интензивни берби. Сезонските работници најчество својот труд го нудат во европските држави, односно Италија, Шпанија, Германија и Велика Британија. Вакви мерки започнаа да се креираат  во државите во регионот односно во Хрватска, Словенија, Србија и Бугарија.
  • Националната федерација на фармери започна афирмативна кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“ за зголемено купување на земјоделски производи од страна на граѓаните и директно поврзување на земјоделците со оделни маркети во државата. НФФ  бара од МЗШВ  во координација со Министерството за економија да преземат мерки и иницијативи  за поттикнување на компаниите, маркетите да го зголемат откупот на домашни земјоделски производи, за да немаме вишок на храна оставена на самото поле. Во оваа насока бараме забрзано донесување на Правилникот за услови и хигиена за производство и ставање во промет на храната од неживотинско потекло наменета за директно снабдување, во географско или економски ограничувања, како општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики.
  • Уште еднаш сакаме да потенцираме дека Националаната федерација на фармери не се согласува со одлуката донесена на 34-та седница на Владата на РМ со која е направена измена на Уредбата за забрана за извоз на домашна пченица и брашно и се овозможи на  правните и физичките лица кои се извозници на брашно и пченица , да може во висина од 70 проценти од вкупно произведената количина на брашно од пченица и наполица во претходниот месец, да ја извезуваат, а 30% да остане за потребите на домашниот пазар.

[1] Извадок од втората теренска анализа на НФФ  за состојбите во земјоделството во услови на вонредна состојба во Република Северна Македонија предизвикана од Корона вирусот во државата: Одлуката на Владата за изменување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања со тоа што износот на поддршката за задржано женско јагне од 700 денари се зголемува на 1500 денари по грло, е навремена и од помош на одгледувачите на овци. Донесената  Уредба на владина седница, со која се ставени во мирување сите рокови за отворени повици за Националните програми и за ИПАРД 2 Програмата е значајна за земјоделците, со тоа што се овозможува навремено и квалитетно да ги подготват своите апликации и да немаат застој во набавувањето на потребни документи, кога ќе се земе во предвид дека голем број на институции и компании работат во периодот со ограничено работно време и се избегнува директна комуникација со странки. Добра и навремено спроведена постапка на МЗШВ во соработка со Министерството за информатичко општество за издавање на дозволи за движење на земјоделците и извршување на земјоделските активности за време на ограничувачките мерки за движење на целото насаление, согласно одлуките на Владата.

[2] Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот COVID-19 за време на вонредна состојба. Службен весник на РСМ, бр: 92/20, Објавено на: 6.04.2020. Достапно на: https://bit.ly/2WaVkKW

[3] ЈАВЕН ПОВИК БР. 1 за поднесување на апликации за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Северна Македонија од Компензационите фондови од странска помош – https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti/635-1-covid2

 4 Закон за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010; 53/2011, 126/2012, 15/2013 и 69/2013)

[5] ЗАКОН ЗА ВРШЕЊЕ ЗЕМЈОДЕЛСКА ДЕЈНОСТ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/02, 89/08, 116/10, 53/11 и 39/16)

[6] Закон за пензиско и инвалидско осогурување (Службен весник бр.53  од 11.04.2013

[7] Соопштение на агенцијата за финасиска подршка на земјоделството и руралниот развој – http://www.ipardpa.gov.mk/Root/mak/default_mak.asp

[8] Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот COVID-19 за време на вонредна состојба. Службен весник на РСМ, бр: 92/20, Објавено на: 6.04.2020. Достапно на: https://bit.ly/2WaVkKW

[9]Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот COVID-19 за време на вонредна состојба. Службен весник на РСМ, бр: 92/20, Објавено на: 6.04.2020. Достапно на: https://bit.ly/2WaVkKW

Proposals-and-Requests-for-rural-women-NFF