Предлози и препораки од Националната федерација на фармери за поддршка на жените од руралните средини во услови на економска – здравствена криза предизвикана од Корона вирусот

НФФ реализира средба со АФПЗРР
ОГЛАС ЗА РЕГИОНАЛНИ КООРДИНАТОРИ НА НФФ
„Работата не не плаши, ние со песна ја извршуваме. Не плашат лошите времиња во кои живееме, но затоа со заеднички сили и позитивна енергија може нешто да направиме. Владините институции треба повеќе да соработуваат со нас земјоделките и земјоделците и да ги слушаат нашите барања. Без земјодество нема храна и тука во селото се произведува храната“, потенцира Тања Штејровска одгледувачка на овци и производителка на сирење од светиниколското село Мустафино.

Национална федерација на фармери подготви две теренски анализи за влијанието на здравствено – економската криза предизвикана од Корона Вирусот врз земјоделството и руралните средини, каде што во втората теренска анализа, се опфатени и проблеми и предизвици со кои се соочуваат жените од руралните средини, како и предлози и препораки за нивна поддршка. Истите се доставени до МЗШВ и Владата на РСМ.

Она што е констатирано од терен е дека негативните ефекти од здравствено – економската криза во државата предизвикана од Корона Вирусот влијаат врз жените во руралните средини, бидејќи нивниот обем на работа е сега зголемен и дома и на поле, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван. Она што сакаме уште еднаш да потенцираме е дека жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Според изворот на семејниот приход, домаќинствата кои живеат од земјоделски приходи  се втори по нивото на сиромаштијата (57,4%) .. 58% од сите рурални жени немаат лични примања, двојно повеќе од мажите во руралните средини.[1].

            Жените работат во просек 11.06 часа на ден (41,7% од вкупниот обем на работа потпаѓа на неплатена работа). Мажите работат во просек 9.68 часа на ден  – главно, платена работа[2]. Сега нивната работа е зголемена. 85% од жените кои се членки на НФФ (во НФФ членуваат 175 жени од рурални средини) во рамките на самото интервју истакнаа дека нивната работа е зголемена и дома и на поле, бидејќи во земјоделството има недостаток на сезонски работници и сами со своите сопрузи и најтесното семејство ги извршуваат активностите на поле, а дома и понатаму целосната обврска е падната на нивен грб. Зголемување на домашните обврски е проблем и кај  самохраните родители, лицата со починат партнер или партнерка, кои се грижат за деца и стари лица и семејствата кои имаат лица со попречености (тука повторно негата и грижата е целосно префрлена на жената). 

Руралните средини се соочуваат со недоволно развиена инфраструктура и ограничена понуда на јавни услуги. Овие фактори, надополнети со традиционалните вредности кои се доминантни кај руралното население, ги ставаат жените од руралните средини во тешка и крајно неповолна положба ограничувајќи го нивното движење, пристапот до информации и расположливи можности за развој.

Во овој период на здравствено – економската криза предизвикана од Корона Вирусот посебен проблем е недостаток на амбуланти и здравствени работници, така што здравствените прегледи и набавки на лекови се прават во најблиските градови од страна на лица кои работат во градовите.

Најголеми финансиски тешкотии во моментот се предизвикани кон жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија и се во категоријатa на најризични групи во оваа ситуација на Корона Вирус.

Врз основа на наведените информации, Националната федерација на фармери ги дава следните препораки и предлози во насока на поддршка на  жените од руралните средини, кои се во согласност и со CEDAW препораките, развојните цели, Агенда 2030 и заложбите на Декларацијата за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини, која Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој ја потпишаа со  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика во 2018 година[3].

  • Сите апликантки кои ги исполниле условите и поднеле комплетна документација за мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2019 да добијат грант. До јуни 2020 од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој да бидат разгледани сите апликации и одобрени оние што ги исполниле условите. На ваков начин директно ќе се поддржат жените од руралните средини, кои се соочуваат со голем број на предизвици во овој период. Ова што сакаме да напоменеме е дека ова барање е во согласност со препораките на CEDAW извештајот 2018 за РСМ на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации, наменети за жените од руралните средини. Во извештајот се вели: „ За руралните жени треба да се обезбеди пристап до субвенции и мерки за рурален развој до највисок можен степен и брза реализација[4]“. Нашата држава е членка на Обединетите нации и има обврска да ги почитува и спроведува CEDAW препораките.
  • Да се забрза процедурата и постапка за Владата да го донесе „Правилникот за услови и хигиена за производство и ставање во промет на храната од неживотинско потекло наменета за директно снабдување, во географско или економски ограничувања, како општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики“, со цел да се овозможи продажба од фарма, така што земјоделците ќе можат и директно да ги продаваат своите земјоделски производи и преработки, што е посебно значајно за жените земјоделки .

  • Да се исплатат субвенцииите за регистрираните  земјоделки и земјоделци, кои не се исплатени  за 2018 година, а се  директна помош од  20% на носителка или носител на семејно-земјоделско стопанство, кој е регистриран вршител или вршителка на земјоделска дејност, согласно  Законот за вршење на земјоделска дејност или е регистриран/на како индивидуален земјоделка /земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
  • Подобрување на достапноста на информации од јавен карактер, како и советодавни информации за производство и пласман кое може да се реализира преку подрачните единици на МЗШВ, АПРЗ,општините и невладиниот сектор. Оваа препорака е во согласност со Целите за одржлив развој и Агенда 2030.
  • Креирање на владини мерки кои ќе помогнат да се намали одлив на сезонските работници во странство  за време на сезонските интензивни берби.
  • Подобрување на достапноста на јавните услуги (здравствени, образовни, социјални услуги) за жените во руралните средини, кое е во согласност со Целите за одржлив развој
  • Горенаведените мерки сметаме дека треба во најбрз можен рок да се реализираат, додека на подолг рок треба да се направи сеопфатна анализа  за влијанието на здравствено – економската криза предизвикана од Корона Вирусот врз жените од руралните средини  и креирање на мерки и политики кои ќе бидат дел од новата Стратегија за земјоделство и рурален развој со посебен осврт на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини , како и креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија. Ова е главната заложба на Декларацијата за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини, која Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој ја потпишаа со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика во 2018 година.

[1] Мултидимензионалната анализа за сиромаштија во РСМ – https://www.nff.org.mk/%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D1%88%D1%82%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D1%80%D0%BC/

[2] Студија „Мерење на нивото на зајакнување на жените во земјоделството во РСМ со примена на експериментален економски метод“ имплементиран од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и подржан од UN Women, 2019) 

[3] Декларација за подобрување на социјалната и економска положба на руралните жени – https://www.nff.org.mk/2018/10/15/%d0%b4%d0%b5%d0%ba%d0%bb%d0%b0%d1%80%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%b7%d0%b0-%d0%bf%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b1%d1%80%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%be%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0/

[4] Committee on the Elimination of Discrimination
against Women  Concluding observations on the sixth periodic report of the Former Yugoslav Republic of Macedonia – https://tbinternet.ohchr.org/_layouts/15/treatybodyexternal/Download.aspx?symbolno=CEDAW%2fC%2fMKD%2fCO%2f6&Lang=en

Recommendation-for-rural-women-ENG05052020-web

COMMENTS