Во пресрет на велигденските и првомајските празници, Националната федерација на фармери започна афирмативна кампања „Купувајте домашни производи“. Целта на кампањата е зголемена потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар.

„Здравствената и економска криза предизвикана од Корона Вирусот направи нарушување на пазарните синџири и создаде дополнителни проблеми во дистрибуцијата, затоа треба да се дејствува на дoмашен план и да се купуваат домашни земјоделски производи. На ваков начин ќе помогнеме на земјоделството и фармерите и ќе се влијае позитивно на домашната економија“, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

Националната федерација на фармери ги повикува и другите здруженија на граѓани да ја подржат афирмативната кампања „Купувајте домашни производи“ и  бара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во кoординација со Министерството за економија да преземат мерки и иницијативи  за поттикнување на компаниите, маркетите да го зголемат откупот на домашни земјоделски производи, за да немаме вишок на храна оставена на самото поле.

Во насока на афирмативната кампања сакаме да споделиме и некои статистички показатели за да покажеме колку е важно земјоделството во државата и колку е важно да го подржуваме и зачуваме нашето домашно производство. Околу 180 илјади семејства кои живеат во руралните средини егзистираат од земјоделство. Градинарското производство и производството на овошје и грозје, како и сточарството се одвива главно кај индивидуалните земјоделски производители, карактеристично со мали стопанства и фрагментирани парцели.