Откупот на јагнињата сеуште е неизвесен. Земјоделците и понатаму со поплаки дека никој не сака да ги откупи јагнињата. „Во услови кога сите потенцираат дека треба да имаме залихи на храна и дека е важно земјоделството за производство на храна, ние не можеме да ги продадеме јагнињата“, велат одгледувачите на овци и потенцираат дека сепак најважен приоритет на државата е справување со проблемот со Корона вирусот. Министерот за земјоделство, Трајан Димковски минатата недела истакна дека се во постојна комуникација со откупувачите, и освен традиционалните пазари како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извоз на јагнето.
Од страна на НФФ се дадедени следните препораки до МЗШВ за решавање на овој проблем каде што големо влијание има новонастанатата состојба во државата предизвикана од Корона вирусот:
БАРАЊА
– Согласно одлуката на Владата за изнаоѓање на решение за извоз на јагнете , треба да се земе во предвид дека треба да се бара извоз на тешко јагне, бидејќи сега просечната големина на јагнето изнесува 20 килограми.
– Да се воспостави комуникација со маркетите во Република Северна Македонија и да се поттикнат да вршат зголемен откуп на домашно јагне за продажба.
– Во периодот што доаѓа согласно календарот за исплата на субвенции приоритет во делот на исплатата на субвенциите да се даде на субвенциите за исплата на јагне дадено во кланични капацитети (400 денари за откупено јагне) – подмерка 2.4. од Програмата за финансиска подршка во земјоделството
– Да се даде приоритет во делот на исплатата на субвенциите за оставено женско јагне – подмерка 2.8. од Програмата за финансиска подршка во земјоделството.
– Да се објави оглас за аплицирање на мерката 213 „Помош за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики” со која се покриваат платите на лицата кои се задолжени на фармите за чување и напасување на добиток (овци, кози и/или говеда) на пасиште.