Прва сесија на Националната конвенција на ЕУ за Македонија- Уредување на земјоделските пазари

Прва сесија на Националната конвенција на ЕУ за Македонија- Уредување на земјоделските пазари

Говор на Васка Мојсовска на земјоделскиот форум „Организирано земјоделство до сигурен пласман“
НФФ: минималната цена за откуп да биде производната цена
ОГЛАС ЗА АДМИНИСТРАТИВЕН АСИСТЕНТ

Македонските земјоделци ќе мора да се здружуваат во производствени организации ако сакаат да користат помош од Европската унија, а државата мора да преземе повеќе мерки ако сака да го запре трендот на драматично опаѓање на производството на храна – беше заклучено на расправата на тема „Уредувањето на земјоделските пазари“, што се одржа во рамките на Националната конвенција на ЕУ во Република Северна Македонија.  Во расправата учествуваше  министерот за земјоделство Трајан Димковски, покрај експерти, професори за земјоделски науки , преставници на фармерите и други државни функционери, а европското искуство го пренесе Виера Баричичова, експерт од словачкото Министерство за земјоделство.

-Кога влеговме во ЕУ имавме државни земјоделски кооперативи и индивидуални земјоделци. Земјоделците не сакаа да се здружат во производствени групи, велеа ова е како во социјализмот. Но, во очите на ЕУ тие не постојат, премногу се мали за да бидат партнери во користењето на нејзината помош, порача словачката експертка Баричичова. Според неа, сега во Словачка има пет т.н. производствени организации, или во превод групации, кои произведуваат 80 отсто од  зеленчукот и овошјето, што значи се моќни кога преговараат за цените за откупот, објасни словачката експертка. Притоа, наведе пример како една таква групација спроведува успешна маркетинг кампања низ супермаркетите за своите производи. Според неа, една производствена организација може да има минимум пет члена но ако има многу такви,ќе биде комплицирано, бидејќи тие треба да имаат петгодишен производствен план, систем за постигнување на квалитет, за производство на безбедна храна, стратегија за пласман и слично.

Според неа членството во ЕУ не оди со домашни протекционистички  мерки, бидејќи владеат правилата на заедничкиот земјоделски пазар кој  членките на Унијата го дожививаат како  „библија“. Тој ги регулира сите сектори на храна, освен тој со шеќер (поради преголемото производство), тутун и алкохолот. Целта на регулативите е да се задржи баланс меѓу количествата производство и цените, да се стандардизира процесот , преку задолжителни фондови за осигурување на штетите, програмите за поддршка, преку пропишување заеднички маркетинг стандарди и стандарди за пакување, водење регистри како за алкохолот и за вината, утврдување стандарди за увоз и извоз , категории за квалитет и слично. Според неа југословенските  стандарди во земјоделството, кои се присутни се уште во Србија која веќе ги започна преговорите за членство,  биле исти како тие во Европската унија и не треба да се менуваат, изразувајќи увереност дека на тоа ниво е и Македонија.

Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна нагласи дека има разни пазарни модели, а најконкурентен е апсолутно нерегулираниот. Колку е понизок степенот на регулираност на пазарот, толку се посилни заканите за овој сектор, порача Димитриевски  оценувајќи дека досега имаше органичен бој на мерки со кои се регулираше нашиот земјоделски сектор и тоа главно како ад хок решенија, а не како систем.

-Нашиот пазар значително е либерализиран и затоа е под силен удар на конкуренцијата, оцени тој прогнозирајќи дека ако остане така ќе расте уште повеќе незадоволството кај земјоделците.

-Патот кон ЕУ е трасиран, затоа подобро е побрзо да ги направиме реформите. Тие се тешки бидејќи станува збор за дури 4.000 регулативи, заклучи тој.

Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери рече дека кога се гледа од терен, сликата на земјоделството не е светла.

-Десетина години наназад имаме раст на производствените цени, а опаѓање на откупните. Штети на земјоделските производи прават и негативните ефекти од климатските промени и сето тоа придонесува за разочараност кај земјоделците. Количеството на произведени земјоделски производи сега е преполовено во однос на тоа од пред десет години, рече  Мојсовска. Не им е тешко, нагласи таа,  да произведат храна, но треба да имаат и заработувачка од тоа, додавајќи дека со земјоделството се обезбедува 12 отсто од БДП и од него егзистираат 180.000 семејства. Таа предупреди дека ако продолжи овој тренд на намалување на земјоделското производство сите ќе трпиме последици бидејќи ќе расте увозот, а со тоа и нивните цени. Најголем проблем, според неа, е пласманот на производите, а потоа ниските откупни цени. Проблем се и непостоењето договорено производство, неорганизираноста кај самите земјоделци, нелојалната конкуренција во откупот, недостиг на стратегии за периодот по бербата, немање анализи за пазарот,малите приноси по единица површина  и, како што рече, себичноста и личните интереси на некои од големите компании (винарници, млекарници…).Тие според неа манипулираат со ниски откупни цени и имаат потценувачки однос кон земјоделците.

Александра Мартиновска –Стојческа од Факултетот за земјоделски науки и храна изнесе повеќе препораки како да се уреди земјоделскиот пазар. Меѓу нив: поддршката да се насочи кон доходовни дејности, инвестиции и структурни мерки, производителите да се здружуваат, да се зајакне инспекцискиот надзор над произведената храна, да се регистрираат сите откупувачи и да се одржува и ажурира статистиката во оваа област. Адријана Велевска, државен советник за рурален развој, извести дека има придвижување во однос на здружувањето на земјоделците и дека веќе се водат преговори за регистрирање една производна организација за овошје во Ресен. Милева Ѓуровска од Националната конвенција нагласи дека оваа тема се одделува од другите по значењето бидејќи Македонија е земјоделска земја  и има доста работи што треба да бидат направени тука за да се усогласиме со начинот на кој се регулира овој сектор во Европската унија.

Повеќе може да прочитате на https://nkeu.mk/mk/2020/01/29/prva-sesija-od-vtoriot-tsiklus-na-rabotna-grupa-1-poglavje-11-ureduvane-na-zemjodelskite-pazari/?fbclid=IwAR0HfGKLzhEVluz2e8pIuL7yslLmq-SjHRWZ4cnjuERnIWlf2RY_zZYBTCY

COMMENTS