Работниот ден на Иван почнува во 7 часот. Некогаш успева да заврши и за 8 часа, но често останува и по 10-12 часа. Работното место не му е во канцеларијата, која се наоѓа на самиот плац на фармата, туку постојано е на терен, најчесто во делот за продажба и комерција, но секако и во производството.  

-Имам 25 години, го одбрав земјоделието за моја професија и нема мисла што може да ме одведе надвор од државата, тука е мојата иднина, со жар но и спокојство истовремено- вели Иван Марковски. Дипломиран агроекономист, речиси пред крај со постдипломските студии по менаџмент…сето ова звучи неверојатно за младо момче кое би можело да се снајде било каде во светот, но за него изборот е Македонија .

Тука посветено работи на развој и надградба на семејниот бизнис – живинарската фарма „Фреш Фарм“ за производство на свежи јајца.Станува збор за една од најстарите земјоделски фирми, првите од овој тип на македонското поднебје, формирана во 1982 година од дедото на Иван ( таткото на неговата мајка). Во време кога било исклучително тешко да се биде визионер за сопствен бизнис, кога државата се  реорганизирала, во едно турбулентно време на приватизација, дедото на Иван решил да истрае. Подоцна се вклучува и неговиот зет ( таткото на Иван )и заедно го минуваат тешкиот пат за да стигнат до тука – да имаат огромна фарма со 30 илјади кокошки несилки и да произведуваат речиси исто толку јајца дневно. Сега фирмата е во рацете на третата генерација, а тоа е Иван, но за некое време целосно ќе се посвети и неговиот брат, откако ќе ги заврши студиите за безбедност при работа. „Гледаме да успееме заедно, тоа е клучот “ вели Иван.

Целосната приказна на Иван може да ја прочитате во членското списание на НФФ „Моја Земја“.