ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ НА ВAСКА МОЈСОВСКА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НФФ

ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ НА ВAСКА МОЈСОВСКА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НФФ

Зголемување на кредитните активности во земјоделството
Трибини „Трендови во јаболкопроизводство “
НФФ Активности за лобирање и застапување 2018

Почитувани новинари, почитувани земјоделци Национална федерација на фармери преку својот секторски систем за лобирање и оваа година ги анализираше  состојбите со откупот и пласманот на земјоделските производи. Како што  се гледаат состојбите на терен сликата ни малку не е светла. Во последните десетина години производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. Маките на земјоделците  за да бидат уште поголеми од друга страна имаат улога и  негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори и придонесуваат за разочарување кај самите производители на храна. 

Сите знаеме  дека земјоделието е важна стопанска гранка во  Македонија, бидејќи од една страна обезбедува 12% од Бруто домашниот производ (во првиот квартал од 2019 година земјоделството, шумарството и водостопанството учествуваат со 6,6 отсто во бруто домашниот производ (БДП) што е раст од 5,1 отсто во однос на истиот период лани ), од друга страна 180 000 семејства егзистираат од земјоделството и 45% од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87% од вкупната површина на земјата.

Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

 Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се следните : Ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција (позната како зелена мафија) која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците,  недостаток на едукација за претприемништво, непостоење на постбербените технологии и продолжување на рокот за траење на земјоделските производи, недостаток на количини на одреден производ, мало учество на преработувачките капацитети во откуп, неспроведување на анализи на пазарите, мал принос по единица површина.

За жал алчноста , немањето општествена одговорност и  личните интереси на големите откупни компании, винарии, млинарии  ,млекари ќе придонесат  македонското земјоделие да се уништи бидејќи  манипулативниот однос  преку ниските откупни цени  и понижувачкиот став кон земјоделците едноставно го уништија земјоделецот и тоа е една од основните причини за големата миграција од селата и осиромашувањето на руралното население. Од година на година се помалку имаме производство на земјоделски производи.  Ваквите дејствувања на богатите големи преработувачки и откупни компании се и закана не само за селата туку и за работничката класа во градовите, увозот на земјоделски производи се зголемува, а со тоа ќе расте цената на храната која најмногу ќе ја погоди работничката класа.
Податоците на Заводот за статистика говорат дека извозот на земјоделските производи кумулативно во изминатите три години се зголемил за 1,63%, додека во истиот временски период увозот се зголемил за 13%. Тоа значи дека увозот расте 8 пати побрзо од извозот на земјоделските производи што претставува загрижувачки факт за целата држава. Затоа и самите тие преработувачки капацитети бараат бесцарински увоз на земјоделски суровини за преработка, а тоа е доказ дека  ниските откупни цени кои што тие преработувачки компании ги имаат  со години придонесоа да земјоделците немаат мотив за работа и да се намали домашното производство на земјоделски производи.

Официјалните статистики на Организацијта на обединетите нации покажуваат дека 80% од населението живее во сиромаштија и глад, од кои најголем процент се во руралните средини. За таа цел е донесена и Декларацијата на правата на селаните и другите лица кои работат во руралните средини со цел државите членки на Обединетите нации да обезбедат целосно почитување на правата на руралното население , достоинствен живот, нивно активно вклучување на локално и национално ниво во креирање на земјоделските и руралните политики, како и државите да преземаат соодветни мерки за зајакнување и поддршка на локалните, националните и регионалните пазари на начини со кои ќе им се олесни и ќе им се гарантира на земјоделците да имаат целосен и рамноправен пристап и учество на овие пазари за да ги продаваат своите производи по цени што им овозможуваат ним и на нивните семејства да постигнат соодветен стандард на живеење.

Ние како НФФ бараме почитување и имплементирање на оваа Декларација од страна на нашата држава преку преземање на соодветни чекори за нејзино инволвирање во градење на законите, почитување на законите, почитување и креирање на стратегии за земјоделство и рурален развој и програми за поддршка. Ние, Националната федерација на фармери бараме сериозен дијалог со преставниците на големите земјоделски компании и откупувачи и креирање на мерки од страна на Државата во насока на обезбедување на егзистениција и достоен живот на руралното население и организирано производство. Почитување на Законот за земјоделство во кое што откупувачите до крајот на месец март ќе ги пријаваат количините кои сакаат да се откупат и ќе се потпишуваат договори за откуп со јасно дефинирани откупни цени, кои треба да се повисоки од производните цени и да имаат партнерски однос со производителите на храна односно континуирано следење на производството во текот на целиот  производен период преку совети и давање на репроматерјали на земјоделците  за да тие имаат квалитетно производство кое што преработувачот ќе го преработи во квалитетен финален производ, било да е тоа вино, сирење, брашно или друго.

Она што сакаме да истакнеме и што посебно не радува е тоа што се воведе Правилникот за продажба на мало за произвоводи од животинско потекло и сега се подготвува ист ваков правилник за производи од растително потекло .

НФФ  ги поддржа измените на Законот за вино со кои се овозможува работа на малите винарии и се овозможуваат низа поволности со кои што се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките лица производители на вино што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. Измените на Законот за вино се усвоени во есенскиот период од страна на Собранието на РСМ.  Националната федерација на фармери бара во Законот за вино целосно бришење на член 17 став 5 каде што се вели дека : Утврдената цена може да се намали најмногу до 8% во случај кога исплатата на износот за откупеното винско грозје се врши во целост во рок од седум дена од денот на приемот “.На ваков начин само се поттикнува намалување на откупната цена во услови кога производните цени се поголеми од откупните и не се во согласност со пазарните вредности и демократски и европски правила. Воедно членот се коси и со член 55 од Уставот на  РСМ во кој што се вели „Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. “

Прифатено е барањето на  НФФ за продолжувањето на рокот за легализација на објекти на земјоделско земјиште, кое е дел измените на Законот за земјоделско земјиште. На ваков начин се овозможува зачувување на земјоделското земјиште, решавање на проблемот со легализацијата која е во интерес на земјоделците, поголема искористеност на ИПАРД програмата каде што се бара објектите и оранжериите на земјоделското земјиште да се легализирани и поттикнување на решавање на имотно – правните односи кои воедно се една од пречките за окрупнување на земјоделските површини.

И она што посебно сакаме да истакнеме дека со интензивната работа на НФФ поддржана од Шведската организација за развој We Effect, направени се измени во  политиките  на национално ниво во насока на креирање на ефективни мерки за поддршка на руралните жени. Владата на Македонија на барање на Националната федерација на фармери и Министерството за труд и социјална политика  во мај ги отстрани дискриминаторните критериуми (жената да има 1 дете, да е мажена, невработена, да живее на 800 метри надморска височина во населено место со 200 жители) на мерката 115 наменета за активен женски член во земјоделско стопанство  од Државната Програма за финансиска поддршка за рурален развој. НФФ активно учествуваше во креирањето на новите критериуми на мерката кои се подготвија во рамките на координативната група за родова еднаквост во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, поддржана од UN Women. Со оваа мерка се овозможува економско јакнење на жените фармери чија примарна дејност им е земјоделството и тие имаат најмногу бодови во самите критериуми, што и беше барање на НФФ. Од друга страна се овозможува развој  на нивните претприемачки вештини во производство

                   Колебливоста на климата е веќе зголемена во Република Македонија. Во земјата доаѓа до појава на високи температури, поплави, мраз, град, земјотреси и свлечишта. Според анализата на Светска Банка, Македонија веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди,  особено: поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси.

                   Најранливи се одредени култури: пченица, како најважна житарка насекаде распространета; грозјето и  доматите, како најтипични култури во нашето поднебје; луцерка, и јаболката, како најзначајно овошје за Преспанскиот регион и секако појавата на нови болести кај животните низ целата држава.

Во оваа поле треба да се градат политики кои ќе овозможат адаптирање на нашето земјоделско стопанство на новата клима, како и овие мерки да станат дел од Стратегијата за земјоделство и рурален развој и Државната прогарама за финансиска поддршка за рурален развој . Голем акцент треба да се ставе во реконструкцијата и модернизирањето на водоводните мрежи низ целата наша држава, бидејќи оваа сушна година што помина и проблемите кои што ги имавме со водоснабдувањето  придонесе да се намали родот а и квалитетот  на некои земјоделски производи некаде од  50 %до 70 %.

ИПАРД програмата е значајна за развој на земјоделството и руралниот развој и овие средства треба да придонесат за развој на земјоделството, но мора да истакнеме дека голем проблем и понатаму се легализацијата на фармите, посебно на оние што се во населени места, непостоењето на детални урбанистички планови и нерешените имотно правни односи и административните пречки. Тоа значи дека понатаму треба оваа прашање сериозно да биде сфатено од страна на општините и да постојат одделни сервисни услуги од општините за постапката за легализација на фармите.

Мора да се истакне дека потсекторските групи во рамките на Министерството за земјоделство почнаа да функционираат, одржана е и Седница на Советот за земјоделство и рурален развој, но она што се бара е поголем дијалог и прифаќање на заклучоците од овие потсекторски групи, односно реално да се анализираат и прифаќаат нашите предлози наменети и за законски измени и за формирање на програмите за директни плаќања и рурален развој. Временската рамка за аплицирање и исплата на субвенциите и програмата за рурален развој треба да се воспостави и  ние како Национална федерација на фармери бараме програмите да бидат насочени повеќе за развој на регистрираните земјоделци.

 Сакаме да истакнеме дека без обединување не може да се слушне гласот на малиот земјоделец, затоа треба поголемо здружување и тука сакаме да истакнеме голема благодарност до Шведската развојна организација We Effect, кои преку својата поддршка овозможува ние малите да станеме гласни односно да се бориме за оставрување на нашите права и слободи кои се во инетерс на развојот не само на земјоделството и руралната средина, туку и на опстанокот на општеството преку производство на храна.

За крај, од мое лично име од име на Националната федерација на фармери, на сите земјоделци да ви посакам среќна и бериќетна 2020 година со желби за добар род во нивите и фармите и здравје на целата ваша фамилија.

COMMENTS