Со измените на Законот за вино, се овозможува работа на малите винарии и со нив се потикнува нивен развој . Со новите законски измени се овозможуваат низа поволности со коj што се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките лица производители на вино што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. Истовремено, олеснувањето на условите кај малите винарии нема да се одрази на квалитетот на виното, односно се однесува на условите поврзани со самата винарија, додека постапката за добивање на решение за пуштање во промет на виното останува иста без разлика во каква винарија е произведено виното. Сите измени се во насока на остварување на поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив. Со дел од измените на малите винарии, кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, им се дава можност да работат со ангажирање на енолог, со договор а не како досега да мораат да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе можат да произведуваат вино со завршено средно образование. Националната федерација на фармери ја подржа оваа измена и во рамките на самата подготовка на измените на Законот за вино и во рамките на потсекторската група за вино во МЗШВ.
Националната федерација на фармери во Законот за вино бара целосно бришење на член 17 став 5 каде што се вели дека : Утврдената цена согласно со ставот (3) на овој член може да се намали најмногу до 8% во случај кога исплатата на износот за откупеното винско грозје се врши во целост во рок од седум дена од денот на приемот “.
На ваков начин само се потикнува намалување на откупната цена во услови кога производните цени се поголеми од откупните и не е во согласност со пазарните вредности и демократски и европски правила. Воедно членот се коси и со член 55 од Уставот на Република Северна Македонија во кој што се вели „Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. “
Оваа измена на Законот беше барана од страна на НФФ да влези во рамките на овие измени на Законот, но за жал не беше прифатено.