Јуфкијада 2019 по седми пат во организација на НФФ за првпат во беровското село Будинарци.

60 жени од Беровско, Кочанско, Гевгелиско, Струмичко, Неготинско, Тетовско и Преспанско месеа јувки кои оваа година ќе се донираат во Домот за деца без родители и Дом за стари лица во Берово.

Манифестацијата е организирана како дел од активностите на проектот  “Институционална подршка на НФФ” подржан од We Effect. Манифестацијата ја отворија претседателката на НФФ, Васка Мојсовска и членовите на УО Вангелина Пармачка, Ванчо Кировски и националната координаторка на Мрежата на жени фармери Фросина Георгиевска.

Претседателката на НФФ Васка Мојсовска истакна дека со оваа манифестација се продолжува традицијата и го прикажува животот во село преку вредните раце на жените.

Вангелина Пармачка, еден од организаторите на манифестацијата, истакна дека традиционалната храна а особено подготовката на јуфките се посебно обележје на руралната жена. Таа истакна дека како организатори се особено среќни што оваа година манифестацијата се одржува во Будинарци, село кое изобилува со многу убавини но е заборавено.

Тие потенцираа дека со манифестацијата се прикажува традицијата и хуманоста на селото.

На средбата присуствуваше Игор Јадровски од Хелсиншки комитет кој одржа интерактивна сесија за родво базирана дискриминација и бесплатната правна помош која ја нуди Хелсиншкиот комитет на оваа тема, а за руралното население ќе биде во соработка со НФФ. 


Националната федерација на фармери изразува голема благодарност за гостопримството и прекрасната организација на жените од Будинарции, кои оваа година беа домаќинки на настанот. Посебна благодарност до Вангелина Пармачка, Славјанка Пачарска и Светлана Трифуновска.