Jас сум Васка Мојсовска, земјоделка и првата претседателка на Националната федерација на фармери. Тоа за мене претставува посебна чест и задоволство бидејќи ова не е само мој успех туку на сите жени од рурални средини и оваа функција ја сметам како можност да помогнам со мојот активизам за развој на земјоделството и руралниот развој и економско и образовно јакнење на жената во руралните средини, како и рамноправно и заедничко дејствување на мажите и жените во овој сектор. Тешка задача, но се надевам дека во овие 4 години ќе успееме да направиме промени заедно со Управниот одбор на Федерацијата и тимот на вработени.

Јас сум жена од рурална средина, земјоделка и горда сум на мојата професија, бидејќи ја работам најблагородната работа, а тоа е производство на храна.

Моето детство и животот ми поминува по нивите и селото. Тоа за мене претставува една борба за живот, но и радост на произведениот плод кој што живот значи. Успехот како производител на грозје немаше да го постигнам доколку немав поддршка од моето семејство, пред се’ од мојот сопруг и свекор кои на мое име препишаа земја. Заедно со мојот сопруг денес произведуваме грозје и садници.

Ова го кажувам бидејќи ова е еден од помалите примери на семејство, каде што се надминати традиционалните бариери и на жената се гледа како на рамноправен член и во домот и во одлучувањето во распределбата на приходот и инвестирањето. Токму заедничката работа, поддршката и почитувањетo, нам, како семејство, ни носи успех. Моите деца кои пораснаа на нивите не се иселени како голем број на млади лица која заминаа во градовите или во странство. Тие студираат на Факултетот за земјоделски науки и ќе ја продолжат работата на нашето стопанство. Младите се иднина на развојот на селата а ние како мајки треба многу да се бориме за да ги задржиме во нашите домови.

Она што сакам да потенцирам е дека жените кои живеат во руралните средини се соочуваат со голем број предизвици како што се невработеноста, родовата дискриминација на пазарот на труд, доминантноста на традиционалните општествени норми, пристапот до информации, образование, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
Сето тоа влијае врз економскиот и социјалниот живот на жените од руралните средини и можноста да ги уживаат целосно човековите права и слободи.

Тргнувајќи од  тоа дека Македонија е држава која се стреми да биде дел од Европското семејство, постигнувањето родовата еднаквост во секој дел од општеството, вклучувајќи го и земјоделството и руралниот развој треба да биде сериозно сфатено од сите нас.

Доколку застанеме вака како што сме денес многубројни и обединети, ќе можеме многу повеќе да делуваме и да придонесеме за развој на руралните средини. Во текот на изминативе 11 години заедно со Мрежата на рурален развој на РМ, со подршка на Сида и Шведскиот кооперативен центар We Effect го организираме овој настан со цел да се слушне гласот на нашата невидлива потпора во селото – жената од руралната средина. Денес гледаме дека настанот добива голема масовност и подршка. Благодарни сме и на подршката на UN Women и Факултетот за земјоделски науки и храна и се надеваме на нивна понатамошна соработка на ова поле.

Би сакала да истакнам дека работата не е лесна и брза, бара многу време. Како организација многу добро го знаеме ова. 15 години ние одиме по овој пат, иденес во Националната федерација на фармери имаме минимум 3 жени земјоделки членови на Управниот одбор на Националната федерација, претседателка, заменичка претседавачка на собранието на Федерацијата – Вангелина Пармачка, национална координаторка на Мрежата на жени – фармери Фросина Гергиевска, како и локални кординаторки и Мрежа на жени – фармери и 105 земјоделки, членки на НФФ.

Навистина тоа е за нас голем успех.

Среќен 15 октомври и уште многу години да го прославуваме и да напредуваме.