Родова еднаквост важен дел за развој на секое семејно земјоделско стопансто. Токму тоа го потврдува следниот пример: Снежана Танева од Мрзенци заедно со својот брат ја продолжија традицијата на своите родители и се одгледувачи на овци. Ова е нивен семеен бизнис и заеднички се трудат да ја обезбедат својата егзистенција. Но, како и во сите земјоделски сектори и тука се соочуваат со проблеми со ниските откупни цени на јагнето.
„Тешко оди, но се трудиме некако да опстоиме. Она што претставува проблем за мене како жена е тоа што мештаните од селото не можат да прифатат дека бизнисот е заеднички со брат ми и дека поделбата е направена рамноправна. Сите сметаат дека јас не сум смеела да земам имот од татко ми. Често пати кога одам по институции луѓето не веруваат дека одгледувам овци и тоа многу ме вреѓа и ме прави да се чувствувам непријатно. Не знам како замислуваат дека ние земјоделците треба да изгледаме “, вели Снежана Танева, членка на Националната федерација на фармери. Затоа сите заедно и обединето можеме да придонесе за подобрување на социјалната и економска положба на жената во руралната средина.

Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Жените ретко се појавуваат како носители на каков било имот, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор. Се смета дека жените би го однеле наследениот имот во друга куќа откако ќе се омажат, додека на овој начин имотот останува во рамки на семејството. Традицијата налага дека дури и кога ќе им понудат наследување имот тие треба да одбијат.
Извор: Повеќедимензионална анализа за сиромаштијата, Национална федерација на фармерите, Скопје, 2017 год.

15 октомври – Меѓународен ден на руралната жена
Оваа година, овој датум се прославува со организација на јавна дискусија „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“ од страна на Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој на РМ во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна и со поддршка на We Effect и Канцеларијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women во Скопје. 
На настанот ќе се потпише Декларација за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини.