Награди за новинари кои пишуваат за сиромашните

 

Награда во вид на светилка, како симбол за давањето видливост на проблемите на луѓето кои живеат во сиромаштија, добија седум новинари на настанот „Гласник на невидливите“, новинарските награди специфични по тоа што сториите ги оценуваше жири-комисија составена од луѓе кои и самите имаат искуство со живот во сиромаштија или социјална исклученост. Настанот во Република Македонија за првпат се организира од страна на  Македонската платформа против сиромаштија.

„Многу е тешко кога сите во недоверба ви велат дека нема шанси жири од луѓе со искуство во сиромаштија да оценуваат новинари. Исто така е тешко кога ќе се соочите со моментот дека никој не ви верува дека партиципацијата и учеството се двигателите на едно демократско општество. Тешко е кога се обидувате, дури и на луѓето кои ги живеат проблемите, да им кажете дека и нивните проблеми се еднакво важни како и оние на богатите“, рече Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Хекуран Акифи и Славица Филиповска, новинари од тимот на 360 степени, добија награди за нивните стории, Акифи за прикажувањето на проблемите со кои се соочуваат слепите лица, а Филиповска за приказната за Дневниот центар во Шуто Оризари, кој изгоре во пожар минатата година.

Новинарките Милена Атанасоска-Манасиева и Сребра Ѓорѓијевска од Факултети.мк беа наградени за сторијата со основците од кумановското село Бајловце, кои пешачат и по шест километри за да стигнат на училиште.

Новинарката Маја Јовановска беше наградена за сторијата „Деца фантоми“, која го прикажува проблемот на лицата во Македонија кои живеат без соодветна документација, а статуетка со светилка добија и новинарскиот тим од „Види Вака“ за документарецот „Собирачи“ кој го прикажува животот на луѓето кои собираат пластика.

Националната федерација на фаррмери ја подржува ваквата активност на Македонската платформа против сиромаштоја бидејќи наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушамe. Токму за член во комисијата од страна на Националната федерација на фармери е номинирана  Ружа Стоимилова, локален кооринатор на Мрежата на жени – фармери за Кочанскиот регион во НФФ.