Васка Мојсовска, претседател на НФФ: Среќен празник со надеж за подобри времиња за жените

Почитувани жени во име на Националната Федерацијата на фармерите Ви го честитам празникот осми март. Ние како органзиација посебно внимание посветуваме на ранливите категории во селата, а едни од нив се руралните жени и се трудуме да се развиваат и почитуваат принципите на родовата еднаквост. Она што е важно за руралната жена е што е вреден работник, земјоделец и столб на семејството во руралните средини. Нејзиниот труд сеуште не е валоризиран, таа е мајка, домаќинка, работник и поткрепа, а сепак се соочува со голем број на предизвици во руралните средини.

Севкупно, 77% од вработените во македонското земјоделство имаат економски статус познат како „неплатени семејни работници“, од кои 60 % се жени.  90% од руралните семејства сопругот или неговиот татко е сопственик на семејната куќа и земјоделското земјиште , додека на 5% сопственици се жени. Причина за ваквата ситуација се традиционалните бариери на кои што жените не гледаат ништо  дискриминаторно.

Исто така би сакала да споменам дека  43% од младите жени до 30 годишна возраст од руралните средини се соочуваат со највисока стапка на невработеност.  64% од руралните жени се официјално неактивни.  Најчестата причина за неактивноста на руралните жени е грижата за децата и домашните обврски .

За таа цел потребно е да се работи на економско јакнење на руралната жена и јакнење на нејзините карактеристики како лидер и во средината и во земјоделското стопанство.

Ние се залагаме за зголемена инволвираност на жените во креирањето на земјоделските политики и токму јакнењето на нивните лидерски способности ги развиваме преку активности во Мрежата на жени фармери и преку фокус групите каде што жените заеднички произведуваат и продаваат.

Она што бараме е во новата Стратеија за земјоделство и рурален развој да влезат и ранливите категории на луѓе од руралните средини како што се младите и жените.

НФФ исто бара во рамките на Националната програма за земјоделство и рурален развој подршките за инвестиции да бидат 55% за жените и младите кои аплицираат, повисоки бодови за жените и младите кои аплицираат и на таков начин ќе се започне да се влијае на рушењето на стереотипите и охрабрување на жените за нивно инволвирање во земјодеското претприемништво.

Исто така сакам да истакнам дека треба да се преземат мерки од страна на државата за повозрасните жени од руралните средини, кои не остваруваат право на пензија и да се изнајдат мерки да се корисници на социјална пензија, бидејќи тие цел живот го вложиле во работа на поле и негување на своето семејство и таков третман од општеството е несоодветен.

Би сакала да истакнам благодарност до Шведскиот кооперативен центар We Effect кој дава голема подршка за обединување и развој на земјоделците и посебно се залага за родова рамноправност.

СРЕЌЕН ОСМИ МАРТ СО НАДЕЖ  ЗА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА ЗА ЖЕНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА!