14.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Руралната сиромаштија запоставена од државните институции

Меѓународен ден на социјалната правда- руралната сиромаштија запоставена од државните институции

 

Балканскиот регион се опишува како „опасна мешавина на слаби држави, недржави и сегашни и идни протекторати “, каде што процесот на ерозија и делегитимација ги урива демократските режими – иако, на површина, нивните институции остануваат. За подобро да се разбере политиката во регионот, потребно е јасно да се фокусираме на граѓанското искуство. Клучните прашања се „зошто се чувствуваат толку несигурни “и „зошто балканските демократии се толку корумпирани “? Типично, во слабиот партиски систем во Македонија, водечките политичари не се посветени на социјалниот и економскиот развој во полза на обичниот граѓанин, туку во политиката преовладува беспоштедната борба на елитите за контрола на државата со цел лично воздигнување. Во една ваква политичка средина, судирот на глави стана замена за судирот на идеи, а купувањето на лојалноста за возврат на поставување на високи позиции и добро платени работни места стана „нормална политичка појава.

Ова е едно од најчестите ставови од меѓународните анализи и извештаи кои во последните петнаесет години ги читаме. Токму на социјалниот развој не се посветува доволно внимание од ниту една Влада, односно не се преземаат соодветни мерки кои ќе овозможат подобар живот на оние обесправените и ќе се овозможи нивен развој. Кога зборуваме за сиромашните категории не мислам, само на оние во градската средина, туку и во руралните средини.

Вистинската слика на селото

Рурални средини зафаќаат 87% од вкупната  површина, повеќе од 45% од македонското население живее во рурални средини, каде што бројот на жители од година во година се намалува. Континуирано пропаѓање на селата во руралните средини. Последиците од запустените села се особено тешки за ранливите групи кои живеат во ридско-планинските предели, таму дури 43% од домаќинствата изјавиле дека немаат доволно пари за храна. Уште во 1998 година забележано е дека дури 121 село повеќе немаат жители . Трендот продолжува така што во 21% од вкупниот број села во Македонија живеат помалку од 50 жители, а во 104 села има само по 10 или помалку жители.

Според изворот на семејниот приход, домаќинствата кои живеат од земјоделски приходи  се втори по нивото на сиромаштијата (57,4%) , додека највисока сиромаштија сеуште е кај семејствата со приход од социјална помош (90,6%).

58% од сите рурални жени немаат лични примања и тоа е  двојно повеќе од мажите во руралните средини.  Пресметаните просечни лични примања за мажите изнесуваат 8.873 МКД, додека пак жените примаат помалку од половина од тој износ – 3.890 МКД.

Севкупно, 77% од вработените во македонското земјоделство имаат економски статус познат како „неплатени семејни работници“.

59% од младите од руралните средини (возраст од 20-24 години) и 43% од младите жени од руралните средини (возраст од 25-29 години) се соочуваат со највисока стапка на невработеност. 64% од руралните жени се официјално неактивни. Најчестата причина за неактивноста на руралните жени е грижата за децата и домашните обврски.Исто така најзагросени од семејното насилство во руралните средини се децата и жените. Токму нивната најголеа причина поради која остануваат во домот со насилникот е дека нема каде да се обратат и нмаат финансии за да заминат.

47% од жените се невработени, но сепак работат на семејните фарми или се занимаваат со некои занаети, но нивната работа често пати е неплатена. Сега се појавува тренд на нивно запослување  во текстилните фабрики во штипксиот регион или во фабриките од странските инвеститори отворени во различни региони каде што буквално им се цица трудот за ефтини пари. Од друга страна поради традиционалните бариери само 5% од жените се сопственици на имот или земјиште со тоа што се ограничени во нивниот развој и аплициање за различни државни подршки и ИПАРД програмата. Најголем дел од нив во Југо – Источна Македонија не се евидентирани ниту во единсвтениот земјоделски регистар и покрај тоа што цел живот работат земјоделство и не се корисници на пензии. Буквално се заборавени од сите.

Ограничениот пристап до образовни, здравстевни, социјални  и културни инстиитуции, лошата инфраструктура ( голем дел од селата во Македонија нема водовод и канализација) само го отежнува животот во селата.

Како и во повеќето други балкански постсоцијалистички земји, најголемиот дел од земјоделските домаќинства припаѓаат на групата ситни индивидуални земјоделски производители (99%), при што околу 58% од нив имаат фарми со големина под 1 ха или, 87,6% од домаќинствата со под 3 ха .

Според структурата на земјоделските домаќинства и нивната економска големина, половината од домаќинствата во земјата (84.740 домаќинства или 49,6% од вкупниот број домаќинства) остварија приходи под 2.000 ЕУР во 2013 година, додека пак заедно со наредната по големина економска група (со приходи од 2.000 до 4.000 ЕУР) бројката се покачува на 118.396 домаќинства или близу 70% од сите домаќинства. Само 0,4% од домаќинствата имаат економска големина од 25.000 до 50.000 ЕУР.

Токму овие мали земјоделци се најпогодени од неорганизираниот пласман и ниските откупни цени, како и манипулацијата од страна на откупувачите кои буквално овој сектор бавно но сигурно го туркаат кон феудално ропство.

Земјоделското производство е неделиво врзано со климата, така што земјоделството го прави да биде еден од економските сектори, кој е најмногу чувствителен на климатските промени. Во земјите како што е Република Македонија, ризиците од климатските промени за земјоделскиот сектор претставуваат непосреден и значаен проблем бидејќи поголемиот дел од руралното население зависи директно или индиректно од земјоделството за остварување на својата живеачка. Сиромашното рурално население е несразмерно повеќе засегнато поради нивната поголема зависност од земјоделството, релативно послабата моќ да се приспособуваат, и високиот удел на приходот што го трошат на храна.

(Податоците се дел од Мултидимензионалната анализа за сиромаштија подготвена од Федерацијата на фармери и Факултетот за земјоделски науки и храна, подржана од We Effect)

 

НФФ предлози:  

Токму за решавање на овие проблеми потребно е креирање на владини политики кои ќе имаат социјални и развојни компоненти и посебно внимание да се посвети на решавање на проблемот со пласманот, климатските промени и руралната сиромаштија.

Програми и мерки за вработување и обезбедување на достоен живот на работниците , посебно во приватниот сектор

Да се обезбедат информации и законски и политички рамки за поддршка на родовата еднаквост и јакнење на жените.

Да се овозможи пристап до инфраструктурата и до јавните услуги.

Да се подобри пристапот до општите и специјалните здравствени услуги.

Да се подобри пристапот до образованието и детските установи со цел овозможување на (не само економско) зајакнување на руралните жени.

Да се олесни економското јакнење на рурлното население.

Да се поддржи политичко учество на жените, во смисла на активно ангажирање во локалните развојни политики и процеси на одлучување.

Овозможување и јакнење на земјоделството и малите земјоелци прелу економски форми на здружување, како што се земјоделските задруги.

Руралната сиромаштија да стане дел од стратегиите за земјоделство и труд и социјална политика во насока на решавање на овој проблем

Related Articles

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

Stay Connected

21,989FansLike
0FollowersFollow
0SubscribersSubscribe
- Advertisement -

Latest Articles