Kомисијата која одлучува за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“ организирано од МППС

Ружа Стоимилова, локалeн кординатор од Кочанскиот регион на МЖФ на Националната федерација на фармери е дел од комисијата која одлучува за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“ организирано од Македонска платформа против сиромаштијата (МППС). Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.

„Жирито ги анализира и избира од пристигнатите стори од отворениот конкурс кој беше објавен неодамна и беше наменет за новинари кои се занимаваат со новинарство „одоздола“. Тоа се новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, и на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи“, истакна Билјана Дуковска, претседател на Македонската платформа против сиромаштија.

Доделувањето на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“ се случува за прв пат во Македонија. Активноста е во рамки на проектот „Journalism-prize goes international“ инициран од Австриската платформа против сиромаштијата, а финансиран од ЕРСТЕ Фондацијата.

Националната федерација на фармери се заблагодарува за поканата за учество и ја подржува ваквата активност на Македонската платформа против сиромаштоја бидејќи наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.