Национална Федерација на Фармерите

Земјоделието е важна стопанска гранка во Република Македонија, од една страна обезбедува 15% од Бруто домашниот производ, од друга страна 180.000 семејства егзистират од земјоделството и 45% од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87% од вкупната површина на земјата. Токму поради големата миграција каде што основни причини се ниските откупни цени на земјоделските производи, сиромаштијата, ограничен пристап до образовни, здравстевни институции доаѓа до изумирање на селата. На тоа мораме да работиме и да го насочиме нашето дејствување сите заедно.

Вака ребрендираната Федерација на Фармерите на Република Македонија на 15.11.2017 на прославата на 15 годишнината од ФФРМ, за прв пат го најави почетокот на дејствувањето како Национална Федерација на Фармерите.

Националната Федерација на Фармерите го прошири својот опфат на делување. Тоа значи дека покрај земјоделците, земјоделските здруженија, земјоделските задруги, организацијата понатаму ќе работи во јакнење и поддршка на ранливите категории во руралните средини, поголема поддршка на младите и жените како и нивно директно вклучување во развојот на земјоделството преку одлучување и активно дејствување.

Покрај земјоделството, еден од главните фокуси на организацијата е и руралниот развој односно справување со проблемите и предизвиците со кои се соочува руралното население како што е сиромаштијата и ограничените пристапи на руралното население до здравствени услуги, едукација, информација, право и моќ на одлучување.

И понатаму главен столб на дејствување е лобирањето во насока на дефинирање на проблемите од поле и со заедничка работа и анализа ќе се презентираат пред надлежните институции за наоѓање на зедничко решение, кое е во интерес на земјоделците и  благосостојбата на целата наша држава.

Фокус на Националната организација на фармери која и понатаму ќе функционира под слоганот „Заедно до успех“ и логото кои го симболизира трудот и производството на нашите земјоделците е решавање на најголемите проблеми, а тоа е пласманот и квалитетното производство.

Мисијата на ребрендираната организација е  ОРГАНИЗИРАН ФАРМЕР ЛИДЕР ВО ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ И РУРАЛНИОТ РАЗВОЈ НА РМ.

Визијата кон која што ние се стремиме е -   ПРОФИТАБИЛНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО - СТАБИЛНО СЕЛО

Воспоставен систем за лобирање и застапување каде што посебен акцент е ставен на решавањето на проблемот со пласманот и развојот на руралните средини. И понатаму ние како модел за овој проблем ги гледаме кооперативите и економските форми на здружување на земјоделците. Земјоделските задруги се единствена форма која и во теорија и во пракса промовира пазарна демократија и функционирање на основите правила на понуда и побарувачка, кои се неопходни во земјоделството.

Прилагодување на земјоделството врз новата клима, на оваа проблематика заеднички работиме со државните институции во градење на стратегија и инвестиции во нови технологии.

Нашата присутност и понатаму ќе биде застапена во креирањето на стратегиите за земјоделство, директните финансиски поддршки, ИПАРД програмата, окрупнувањето и на производството и на земјоделското земјиште.

Посебно внимание сите ние невладини организации, донатори и владини институции кои работиме на полето на земјоделството и руралниот развој треба да обрнеме на развојот на селата и тоа преку јакнење на земјоделството и инвестиции наменети за модернизација на селата, како и помош на социјално ранливите категории од овие места.

Весникот „Моја земја“, Конференции, семинари, работилници, обуки, кампањи, студиски посети, саеми и понатаму се наше основно обележје во насока на поголемо информирање и едуцирање на членовите.

Во овој дел соработката и понатаму ќе продолжи и со Агенцијата за поттикнување и развој, Земјоделските факултети и институти, како и Министерството за земјоделство.

Жените и младите и понатаму се категории на кои ќе се работи за нивно економско јакнење, лидерски развој и директно вклучување како креатори во земјоделската и руралната политика.

НФФ се вклучува со свои активности во подобрување на условите на родовата рамноправност, како и регионално поврзување и комуникација со земјоделските здруженија и меѓународни органиации и институции.

Националната федерација на фармерите со сите членови, генералното собрание, управниот одбор и извршната канцеларија ќе продолжи со своите активности под единствениот слоган

ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ !