Годишно обраќање на Васка Мојсовска

Годишно обраќање на Васка Мојсовска

„Јуфкијада“ во Јанковец
Обука на млади фармери за органско производство
Работен состанок со Агенцијата за храна и ветеринарство

Годишно обраќање на Васка Мојсовска, Претседател на Националната федерација на фармери

 

Почитувани земјоделци, помина една од најтешките години за нас земјоделците, штетите од климатските промени беа огромни за сите нас. И оваа година пласманот односно ниските откупни цени беа голем проблем за земјоделството .

Зимските, пролетните мразеви  и сушата  направија огромни штети во секој сектор од земјоделието.Немаше гранка од земјоделието што не е беше погодена  од климатските промени (овоштарството, лозарството, сточарството, поледелството, пчеларството беа со многу ниски приноси оваа година), а од друга страна за сите земјодески гранки откупните цени беа ниски и сеуште ги имаме проблемите со недоговореното производство.

Знам дека сите Вие во овие тешки денови бевте со мисла дали да се откажете од производството на храната, но ние не би биле земјоделци ако не сме борци во душата и ако не продолжиме да го работиме тоа што најдобро го знаеме – ЗЕМЈОДЕЛСТВО И ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА.

Она што би сакале да го истакнеме е дека субвенциите и другите подршки треба да се креираат според вистинските потреби на земјоделците и само така ќе овозможат ублажување на негативниот дијалог или на непостоечкиот дијалог помеѓу откупувачите и земјоделците. Потребна е навремена исплата на субвенциите, штетите (како што се ова година и претходната со пролетните мразеви кај лозаро – овоштарството) без доцнење со цел да се придонесе кон зачувување и  развој на земјоделство.

За да се воспостави и организиран пласман е добро да се стимулира и развива кооперативното здружување на земјоделците , кое што претставува најдемократски облик на економско здружување и во теорија и во пракса.

Многу е важно во овие тешки години не само за нас земјоделците, туку и за сите граѓани да постои транспарентниот, отворениот и граѓанскиот дијалог помеѓу државните институции и невладините организации. Треба да се слушне вистинскиот глас на земјоделцот и нивните потреби, за да се градат практични земјоделски политики и законите.

Она што исто сакаме да го потенцираме е дека сите ние, посебно земјоделците, треба да работиме на надминување на традиционалните бариери кои го кочат развојот на жените и младите во руралните средини.

Мора и јавно да зборуваме дека нашите рурални места се соочуваат со големи проблеми, ограничен пристап до надлежните институции, образовните и здравствените институции и не така добра инфраструктура. Сето ова резултира со потикнување на миграцијата, однсоно младите со години наназад ги напуштаат селата и заминуваат во градовите, а сега и во други држави, барајќи подобра егзистенција.

Она што би сакала да истакнам во име на Националната федерација на фармерите дека во изминатиот период преку ФФРМ се работеше доста на лобирањето и во оваа година постојано ги истакнувавме проблемите и нудевме решенија и кај откупот со житото, грозјето, јаболкото, млекото. Баравме и сеуште бараме да се исплатат штетите од пролетните мразеви во лозаро – овоштарскиот сектор (навистина ова е голем проблем за лозарите и овоштарите). Нашиот став и понатаму е дека Законот за персонален данок не е доволно прецизиран и конкретен и дека може да потикне дополнителни проблеми за времето откупите и развој на сивата економија.

Во името на  тимот на Националната федерација на фармерите Ви се заблагодаруваме на сите Вас  за отворената соработка изминатава година. Со ваша поддршка веруваме дека 2018 година ќе биде година на повпечатливи успеси во земјоделието.

Би сакала како претседател на Националната федерација на фармерите да Ви честитам на храброста што ја работите најблагородната работа – земјоделие и од срце да  Ви посакам никогаш повеќе да не се соочиме сите со вакви загуби во работата. Само обединето со заедничи дијалог може да одговориме на предизвиците. Вратата на Националната федерација на фармерите е отворена за сите кои заедно со нас сакаат да работа во насока на развојот на земјоделството и селата. Нашиот приоритет ќе биде решавање на проблемите со пласман, наоѓање на решенија за подобар живот на земјоделците, младите и жените од руралните средини и социјалните маргинализирани групи кои живеат во селата.

Да ги оставиме негативните работи од оваа година позади нас и со добра мисла и нов елан  да ја започнеме новата 2018 година.

Од срце сакам да ви посакам   многу здравје на Вас и вашите фамилии и  многу род со добра цена на вашите полиња и фарми.

СРЕЌНА И УСПЕШНА 2018 година.

COMMENTS